Власта да не ја префрла одговороноста кон Општина Крива Паланка, Агенцијата за храна и ветеринство (АХВ) единствено може да ги одземе говедата кои слободно се шетаат низ градот, рече на денешната прес-конференција градоначалникот на Крива Паланка Сашо Митовски. Реакцијата на Митовски следи откако вчера од Агенцијата обвинија дека Општината и градоачалникот одбиваат да соработуваат за решавање на проблемот кој трае 15 години.
„Обидите за префрлување на одговорноста кон Општината се правно неосновани и не ја менуваат фактичката состојба бидејќи решението е донесено од страна на Агенцијата, правосилно е и извршно од април 2024 година, но до денес не е спроведено. Општината останува подготвена да обезбеди логистичка и кадровска поддршка за спроведување на решението, но не може и нема да ја преземе законската надлежност на државна институција“, рече Митовски.
Тој кажа дека проблемот со добитокот што со години предизвикува штети во Крива Паланка продолжува да создава последици врз јавните површини, приватниот имот, безбедноста во сообраќајот и благосостојбата на животните.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство вчера соопштија дека добитокот кој шета низ Крива Паланка и околните села не може инстантно да се реши.
Истражувањето на БИРН од декември 2025 откри дека државата формално ги одзела животните од сточарот Гоце Ѓорѓиевски и неговите три ќерки уште пред една и пол година, по измените на Законот за благосостојба на животните. Сепак, Агенцијата за храна и ветеринарство е сопственик на добитокот само во документацијата, додека на терен ситуацијата е непроменета и кравите и понатаму лутаат без надзор низ планинските предели, често преминувајќи ја и државната граница.
А. АНТЕВСКА



