БОРО СТЕФАНОВ ОД ЧИФЛИК НАД 60 ГОДИНИ ПРАВИ СТОЛАРИЈА, СТОТИНА ДОМОВИ, ЦРКВИ И МАНАСТИРИ СЕ ОПРЕМЕНИ СО НЕГОВИ ИЗРАБОТКИ

    БОРО СТЕФАНОВ ОД ЧИФЛИК НАД 60 ГОДИНИ ПРАВИ СТОЛАРИЈА, СТОТИНА ДОМОВИ, ЦРКВИ И МАНАСТИРИ СЕ ОПРЕМЕНИ СО НЕГОВИ ИЗРАБОТКИСтефанов на илјадници луѓе им подарил масички и столчиња (Фото: СДК.МК)

    Кога и да отидете во кочанското село Чифлик ќе го забележите еден од неговите највозрасни жители Боро Стефанов како вози велосипед. Ако не е на улица со велосипедот, тој е во неговата столарска работилница или со тракторот на нива или во некој од блиските манастири каде што прави столарија. Не знае да мирува, секогаш нешто работи. Речиси да нема црква или манастир во Источна Македонија која нема некаква столарија изработена од рацете на вредниот Стефанов.

    Стотина семејства во своите домови имаат негова столарија, а илјадници луѓе добиле подароци во масички и столчиња од дедо Боро.

    „Столарскиот занает почнав да го изучувам во 1956 години во Штип, од каде што се префрлив во селото Облешево кога се отвори задруга и за кратко време станав прав столар. Но, задругата брзо пропадна, па во 1959 се префрлив кај приватни мајстори, каде што секој ден одев со велосипед на работа. Но, тие години имаше големи зими, па одлучив да си отворам своја столарска работилница во моето село“, раскажува 84-годишниот Стефанов.

    Вели дека работел макотрпно и чесно сè до 1995 кога стекнал услови за пензија. И потоа не се откажал од столарството, затоа што работата го одржувала во живот.

    „Пред две години се тестирав себеси, па се нафатив да направам нешто што ќе остане во траен спомен и на мене и на жителите на селото Аргулица, каде што неколку месеци работев на црквата ‘Св. Спас‘. Потоа во моето село работев на црквата ‘Св. Богородица‘, каде што сите врати, прозорци, дрвени огради и сè друго што е столарија се изработени со моја рака“.

    Годините не му се проблем на виталниот дедо Боро, па се случува со часови да остане во работилницата.

    „Сега кога влегов во години, моја специјалност се малите столчиња. Ги изработувам и ги подарувам на роднини и пријатели кои ме посетуваат. Сум дал многу донации и на црквите и манастирите во Кочанско, Струмичко, Штипско и во другите градови во Источна Македонија. И во мојата куќа, секоја столарија е моја изработка“, вели дедо Боро.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира