Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ наместо во втората половина на септември, како што беше случај во изминатите години, ќе се одржи на крајот на месец август и тоа во рамките на „Бит фест“. Филмскиот фестивал ќе се одржи од 20 до 27 август во Центарот за култура и Офицерскиот дом во Битола.
„Тоа беше концепциска одлука и на фестивалот да биде поприсутен и со поголема јавност имајќи предвид дека во летниот период градот живее подинамично , па се очекува да има и поголема посетеност. Настани на фестивалот ќе има и отворњени сцени, па ќе има повеќе гости“, изјави градоначалникот Тони Коњановски.
Фестивалот „Браќа Манаки“ годинава ќе добие повеќе средства од општината во споредба со претходните години.
Инаку, по две години пауза, ова лето ќе се одржи 14 издание на „Бит фест“. Започнува на 19 јуни со концерт на Каролина Гочева на Хераклеја, а ќе заврши на 31 август со концерт на „Меморија. Во рамки на 64 фестивалски денови се традиционални фестивали како Солситс, Битола отворен град, Битола Шекспир фестивал, Битолино, Илинденски денови, Џез фабрика, Балкан гала фестивал, Локум фест, музичко-сценска манифестација Незаборав, како и други културни настани, меѓу кои и настапот на оперските пејачи Ана и Игор Дурловски.
„Фестивалот заслужено добива шанса да биде идентитетски силен и да претставува предизвик и за уметниците и публиката. Стручната комисија изврши програмска селекција на 40 настани од пристигнатите 166 апликации . Вкупниот буџет е 4,5 милиони денари“, рече Коњановски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА