Бродот „Мис Стон“, кој што денеска почна да тоне во каналот Студенчишта кај Билјанини извори во Охрид, и притоа од него се излева гориво, ќе биде изваден утре, соопштија од Општина Охрид. Како што велат од Општината, на местото на настанот излегле претставниците на локалната самоуправа, надлежниот државен инспектор за животна средина од Охрид, кој направил вонреден инспекциски надзор, како и капетанот на охридската капетанија.
„Беше утврдено дека се работи за инцидент со бродот „Мис Стоун“, кој е полупотонат при што е излеано одредено количество нафта во водата на каналот. Во согласност со законската регулатива, Државниот инспекторат за животна средина ќе ги преземе сите законски мерки и веќе е отворен предмет во инспекциска постапка. Закажано е итно вадење на бродот од каналот со соодветна механизација, со што ќе се спречи понатамошно излевање на нафта во езерото, а со тоа и потенцијални последици за живиот свет во него и за животната средина“, велат од општинската администрација.