ДА ГИ ВРАТИМЕ СТАРИТЕ СОРТИ И ВКУСОВИТЕ ОД ДЕТСТВОТО, КАЖАА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ НА САЕМОТ „ВЕЗЕНКА“ ВО ПЧИЊА

    ДА ГИ ВРАТИМЕ СТАРИТЕ СОРТИ И ВКУСОВИТЕ ОД ДЕТСТВОТО, КАЖАА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ НА САЕМОТ „ВЕЗЕНКА“ ВО ПЧИЊАИдејата беше пред земјоделците од регионот и пошироката јавност да се промовира вредноста на локалните сорти, кои полека ја губат битката под напливот на хибридните семиња. (Фото: СДК.МК)

    Да одгледуваме производи од старите сорти и да ги вратиме вкусовите од детството беше мотото на првиот Саем на автохтони сорти „Везенка“, кој денеска се одржа во кумановското село Пчиња. Идејата беше пред земјоделците од регионот и пошироката јавност да се промовира вредноста на локалните сорти, кои полека ја губат битката под напливот на хибридните семиња.

    Организатор на манифестацијата беше Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Пчиња“ од селото Пчиња. Претседателот Стојан Стојковски вели дека само со јакнењето на свеста за автохтоните сорти може да имаме квалитетни и конкурентни домашни производи, по рецептите на нашите предци.

    „Вкусот на тоа што порано сме го јаделе и ова денес со хибридните сорти е многу различен. Тоа ми беше мотив да го организирам овој саем, за да ги заштитиме старите сорти. Тоа ќе го постигнеме исклучиво со подигање на свеста кај производителите да почнат да ги одгледуваат старите сорти. Нивната предност е во тоа што може да се насади семка и да изникне растение кое ќе дава плодови. Хибридните сорти не го можат тоа. Свеста за автохтоните сорти ќе се разбуди и со зголемување на пласманот. Потрошувачите во градовите треба да даваат предност на тие производи и вкусови“, вели Стојковски.

    Тој додава дека го радува фактот што младите кои купуваат викенд куќи во нивното село бараат во своите бавчи да садат стари сорти.

    Посетителите на манифестацијата имаа можност да го посетат базарот на домашни производи од малите локални производители, свежо овошје и зеленчук, домашен ајвар, слатко, сокови, мед, месни преработки, вино и ракија.

    Жителите на Пчиња се надалеку познати по квалитетни раноградинарски производи, пред сѐ, пиперка везенка, а бидејќи селото е во непосредна близина на Бислимската Клисура на реката Пчиња, има голем потенцијал за развој на туризмот. Шансата за развој на селото мештаните ја гледаат во спојување на овие две гранки и изградба на сместувачки капацитети.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира