ДЕТЕ РОДЕНО ВО МАКЕДОНИЈА КОГА ЌЕ ПОРАСНЕ ПОСТИГНУВА 56 ПРОЦЕНТИ ОД СВОЈОТ ПОТЕНЦИЈАЛ, РЕЧЕ ГАЛОВЕЈ НА ОТВОРАЊЕТО НА МЛАДИХАБ ВО БИТОЛА

    ДЕТЕ РОДЕНО ВО МАКЕДОНИЈА КОГА ЌЕ ПОРАСНЕ ПОСТИГНУВА 56 ПРОЦЕНТИ ОД СВОЈОТ ПОТЕНЦИЈАЛ, РЕЧЕ ГАЛОВЕЈ НА ОТВОРАЊЕТО НА МЛАДИХАБ ВО БИТОЛА„Неусогласеноста на квалитетот на образованието со потребите на пазарот на трудот се сметаат за главна причина за невработеност кај младите која се̍ уште е една од највисоките во Европа“, рече амбасадорката Галовеј. (Фото: СДК.МК)

    Индексот на човечки капитал на Светска банка за 2020 година покажува дека дете родено во Северна Македонија денес, кога ќе порасне ќе постигне само 56 проценти од својот потенцијал, па неопходно е отворање на младински центри каде младите ќе стекнат повеќе вештини и ќе ја зголемат вработливоста, рече амбасадорката на Велика Британија Рејчел Галовеј на отворањето на Младинскиот Центар – МладиХаб во Битола.

    „Неусогласеноста на квалитетот на образованието со потребите на пазарот на трудот се сметаат за главна причина за невработеност кај младите која се̍ уште е една од највисоките во Европа. Младите имаат ограничени можности да учат и да ги практикуваат своите вештини во реалноста. Им требаат можности да се ангажираат со компаниите и бизнисите на почетокот на нивниот работен век за да можат да стекнат искуство од реалниот свет“, додаде Галовеј.

    МладиХаб, проект финансиски поддржан од Британската амбасада, ќе овозможи вмрежување на младите со компании и граѓански организации од Битола и регионот, вклучување на млади во програми за практиканство, кариерно советување и акселераторската програма, стекнување на неформално образование и вештини што ќе им помогнат да најдат вработување и да бидат економски независни.

    Просториите во кои е сместен младинскиот центар ги овозможи Општина Битола, а проектот се спроведува преку Националниот младински совет на Македонија и е четврти во државата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира