Педијатриски пункт е отворен во Поликлиниката „Бит Пазар“ во Скопје, кој ќе работи секој ден од 19:30 часот до 7:30 часот, а во недела 24 часа, кажа денеска директорот на Здравствен дом Скопје, Самир Исени. Во амбулантата има и лабораторија за основни анализи.
Во педијатриската амбуланта ќе се прегледуваат деца до 14 години од Скопје и околните населени места, ќе има специјалист педијатар, медицинска сестра и лаборант.
„Овој проблем беше евидентен. Многу деца одеа на прегледи на Клиниката за детски болести и ги викнав директорите на Здравствен дом и на Клиниката да најдеме решение за тие кои се полесни случаи. Единаесет педијатри од Здравствен дом Скопје ќе ги прегледуваат децата во ‘Бит Пазар‘, а секако дека сите покомплицирани случаи ќе бидат испратени на Клиника“, рече министерот за здравство Арбен Таравари.
Б. НЕСТОРОСКА