ДИРЕКТОРКАТА НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ПОМАГА КОНТРАФИЛМАЏИИТЕ ДА ГО ЗЕМАТ „БРАЌА МАНАКИ“, ОБВИНИ ДФРМ

    ДИРЕКТОРКАТА НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ПОМАГА КОНТРАФИЛМАЏИИТЕ ДА ГО ЗЕМАТ „БРАЌА МАНАКИ“, ОБВИНИ ДФРМ

    Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ), формирано пред 67 години, денеска на прес-конференција ја потсети јавноста дека во нивниот Статут стои оти тие се основачи на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ што се одржува 37 години во Битола, а дека од средината на 1990-тите години покровител на фестивалот е Претседателот на државата.

    Сегашниот претседател на ДФРМ Роберт Насков и актуелниот директор Благоја Куновски-Доре, заедно со поранешните директори од осамостојувањето на земјава наваму, Горјан Тозија, Томи Салковски и Лабина Митевска, како и со доајените сниматели Драган Салковски и Владимир Самоиловски, апелираа до Агенцијата за филм, до Министерството за култура и до Претседателот на државата да ја прекинат неоснованата дебата околу тоа кој е организатор на „Манаки“. Тие рекоа дека дописот од Агенцијата и пријавување на втор апликант е скандалозен, оти е насилен обид на преземање на филмска традиција која со многу љубов и лични искуства се градела со децении од највисоките филмски професионалци во земјава, кои имаат и интернационални кариери.

    Проблемот на настанатата ситуација го гледаат во Агенцијата за филм чија директорка, Мими Ѓоргоска Илиевска, по автоматизам е член на Советот на фестивалот и која наместо да ја фрли како неоснована апликацијата на некое здружение, како што рекоа – вчера формирано, наспроти угледот на ДФРМ, таа им дава рамноправен третман. Сметаат оти целата ситуација непотребно се политизира, а дописот од Агенцијата го оценуваат како срамен, тажен, подол, згрозувачки.

    „Фестивалот има листа на лауреати и на гости кои се крем во светската кинематографија, и неговиот меѓународен углед тешко се гради. Сметаме дека не може некој од улица, некој што до вчера се занимавал со градежништво, падобранци во филмската област да присвојуваат величина како ‘Манаки’. Сите политички гарнитури треба да знаат дека овој фестивал ќе остане на филмаџиите и дека секогаш ќе биде над политиката. Министерството и Владата треба да му служат на фестивалот зашто не даваат свои пари, туку се тоа пари на граѓаните“, беше речено на пресот од каде се порача дека фестивалот сите години се гради во партнерство со Градот Битола и дека тоа така секогаш ќе остане.

    Од Агенцијата за филм денеска е испратен и нов допис до двата апликанти, со кој Агенцијата го информира ДФРМ дека „Центар филм-Битола“ доставил решение од Државниот завод за индустриска сопственост со кое се потврдува оти Општина Битола го поседува правото на брендот на ИФФК „Браќа Манаки-Битола“. Од Агенцијата велат:„Во ситуација кога имаме два апликанта за финансиска поддршка, сметаме дека пред да започнеме со евалуација на доставените пријави, должни сме да ја запазиме правната процедура. Затоа, неопходно е во најкраток можен рок двата апликанти да достават соодветна дополнителна документација за основањето на ИФФ ‘Браќа Mанаки-Битола’“.

    Сакаме да го разбудиме битолчанецот во „Манаки“, порача ексдиректорот на фестивалот Димитар Николов- Таки кој сега со новиот Центар за филм аплицирал во Агенцијата за филм да го организира фестивалот (Фото: СДК.МК)

    Роковите за потишување договор за финансиска поддршка за годинешното издание на „Браќа Манаки“ се поминати. Од ДФРМ потсетија дека, како што велат поради ниски удари, и минатата година задоцни финансирањето речиси до самиот почеток на фестивалот.

    Од Здружението за филмска уметност „Центар за филм“ кое конкурира за да ја преземе организацијата на фестивалот денеска изјавија дека сакаат Битола да го организира „Браќа Манаки“ и да се подобри квалитетот.

    „Лани фестивалот имаше катастрофално издание. Ние сакаме да повлечеме што поголем број на битолчани да се вклучат и да покажат дека можат сами да го прават фестивалот и тој да биде подобар. Фестивалот е сериозно културно наследство, а не играчка од која некој сака да профитира и да изледа како да функционира сѐ уште во 19 век. Да го разбудиме битолчанецот во ‘Манаки’“, порача Димитар Николов- Таки од Центарот за филм.

    Николов-Таки беше директор на „Браќа Манаки“ една година во 2015, а потоа беше разрешен од ДФРМ.

    Во претседателството на здружението е и режисерот Сашо Миленковски, како и битолскиот угостител Владимир Симоновски и бизнисменот Александар Стојановски. Веќе е формиран и Совет од 12 битолчани кои ќе помогнат во понатамошен развој на фестивалот.

    „Треба да е чест и мотив повеќе да се работи за подобар фестивал, а не да се следат само интереси на одредена група луѓе , особено што фестивалот е пред сѐ на граѓаните на Битола и на Македонија. Треба на сите да ни е поважен од нашите суети, дневната политика и хонорарите кои некои ги земаа за неговата организација зашто брендот ‘Браќа Манаки’ е на Битола, зашто браќата Манаки се од Битола“, рече Николов-Таки.

    Тие велат дека ДФРМ нема ексклузивитет во организацијата на фестивалот, дека има раскарано и поделено членство и дека не е единственото легитимно здружение на филмските работници во Македонија.

    „Тие се немаат потрудено сите овие години да го заштитат брендот, логото и фестивалот. Тие немаат заштитено ниту еден елемент или сегмент со кој можат да кажат дека полагаат ексклузивно право за да го заштитат фестивалот. Единствено нешто што ова здружение го направило било дека организацијата на фестивалот ја ставиле во својот статут и имаат правилник за организација на истиот. Статут и правилник за фестивалот имаме и ние, што нѐ прави еднакви во оваа ситуација“, рече Николов-Таки.

    Од Центарот за филм се оградија од било каква политика. Николов-Таки рече дека во здружението не членува битолскиот градоначалник Владимир Талески и дека со него не се блиски соработници туку само големи пријатели. Сепак, пред пет месеци регионалниот филмски фонд Балкан синема ситис (БЦЦ), чиј претседател е Николов-Таки, потпиша меморандум за соработка со Општина Битола и други субјекти за заеднички настап пред европските фондови за филмски проекти. Режисерот Сашо Миленковски треба да го режира и документарецот за развојот на градот од 2005 до 2017 година за периодот на трите мандати на градоначалникот Талески, што Општината ќе ја чини околу 8.200 евра.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира