Диви кампери и ова лето се распослаа во Љубаништа на просторот помеѓу автокампот и викенд куќите. И покрај забраната за поставување опрема за кампување на недозволени места, со шатори и автомобили нелегално кампуваат претежно млади од цела држава, но има и цели семејства. На просторот нема соодветни услови за кампување, нема струја, вода, тоалети ниту контејнери за отпад. Глетката е грда, а миризбата која се шири е неподнослива.
Од ЈП „Охридски комуналец“ велат дека овој простор пред почетокот на сезоната бил исчистен а се планира деновиве да има акција за кревање на отпадот кој го оставаат дивопоставените кампери. Оттаму додаваат дека диви кампери има и на повеќе локации вдолж Охридското Езеро.
„Покрај Љубаништа диви кампери има во Лабино на самата плажа и во шумата што е над како и во Заливот на коските. Лабино чистиме секој ден, Заливот на коските чистевме минатата недела, собравме 60 вреќи или 4 метри кубни комунален отпад. Љубаништа пред сезоната го исчистивме цел потег. Кога ќе се заврши со дивото кампирање ќе исчистиме повторно. Минатата година оттаму собравме еден камион ѓубре. Тоа е проблем кој се провлекува со години, тоа се големи количини смет, тоа се диви депонии со кои тешко се справуваме. Се чистат, но за кратко повторно се создаваат“, вели Стевчо Маслов од ЈП „Охридски комуналец“.
Маслов вели дека дивите кампери кои престојуваат во Лабино се странци, Полјаци, Чеси, Словаци. Во Заливот на коските, во простор кој наликува на нива, пак се спиело и во шатори, но и во автомобили.
Од Охридски комуналец додаваат дека се чистело и таму каде Јавното претпријатие нема надлежност, во интерес на туризмот, оти, како што велат, граѓаните и туристите треба да престојуваат во чиста околина.
„Проблемот со дивите кампери би се решил единствено доколку се формира комунална полиција со законски ингеренции да може да казни на лице место, во спротивно оваа грда глетка ќе биде присутна и во иднина“, смета Маслов.
Минатата година охридската полиција и надлежните служби спроведоа координирана акција на крајот на август со која беа отстранети сите диви кампери од плажата Љубаништа. Тогаш на лице место беа затекнати дваесетина диви кампери, како и неколку несоодветно направени септички јами, но пријавите и мандатните казни не беа доволни дивите кампери и оваа година да постават шатори.
С. ВРЕНЦОВСКА