ДОЈДОВМЕ ВО МИР, А НАИДОВМЕ НА ОМРАЗА И НАВРЕДИ, ЧЛЕНОВИТЕ ОД „ЛЕВ ТАХОР“ БАРААТ МИР, ЌЕ СИ ЗАМИНАТ ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ

    ДОЈДОВМЕ ВО МИР, А НАИДОВМЕ НА ОМРАЗА И НАВРЕДИ, ЧЛЕНОВИТЕ ОД „ЛЕВ ТАХОР“ БАРААТ МИР, ЌЕ СИ ЗАМИНАТ ЗА ЕДЕН МЕСЕЦЕврејската верска група „Лев Тахор“ со 37 членови од неделата вечер престојува во хотел во охридското село Лакочереј. (Фото: СДК.МК)

    „Иако има голема омраза кон нас, ние ги сакаме сите без предрасуди какви што има кон нас. Дојдовме тука да ги посетиме и да се помолиме на гробовите на нашите предци, да ги посетиме верските објекти, еврејски историски места. Немаме во план да останеме во Македонија, дојдовме во посета 90 дена колку што ни дозволува престојот, а ќе заминеме за еден месец. Не сакаме никому да наштетиме, но се плашиме од заканите и омразата на месното население. Не можеме на мир да јадеме, да спиеме. Сакавме само кров над глава, без да сме навредувани“, вели Шаје Ваингатен од еврејската верска група „Лев Тахор“, која заедно со уште 37 членови, од кои повеќе од половината деца, од неделата вечер престојува во хотел во охридското село Лакочереј.

    Таа вели дека иако дошле пред сè како туристи, досега не успеале да посетат ниту едно за нив значајно место. Потрошиле многу пари за сместувања, но од секаде биле избркани и не се чуствувале добредојдени. Нивниот начин на живот бил со постојано селење, но барале земја каде што ќе може слободно да живеат и да ја негуваат својата религија.

    „Ние немаме постојано место на живеење, често патуваме и сè уште бараме земја каде што ќе имаме дозвола слободно во потполност да ја негуваме нашата религија. Затоа патуваме, не знаеме кога ќе ја најдеме таа земја што ја бараме. Во меѓувреме, истражуваме и ја бараме таа земја. Дел од луѓето кои се во нашата група имаат свои бизниси од каде се финансираме, некои имаат онлајн бизниси, некои имаат заштедени пари, но добиваме поддршка и од други луѓе“, вели Ваингатен.

    Од Босна и Херцеговина, како што вели таа, заминале оти им истекол периодот за туристички престој, но и таму почуствувале закани и омраза.

    Жителите на Лакочереј се со поделени ставови околу престојот на еврејската група во нивното село. Додека едните се спремаа за протести, другите зачудени од реакциите велат дека членовите на „Лев Тахор“ биле мирни и љубезни луѓе.

    Сашо Кировски, жител на Лакочереј, имал средба со припадници од МВР и членовите на групата сместени во хотелот. Кажа дека против овие луѓе нема пријава за сторено злосторство и замоли неговите соселани да покажат добрина и хуманост.

    „Тие имаат престој само 90 дена, легален е, и ќе заминат. Немаат никаква лоша намера. Духовно сум растревожен. Да се плашиме од 30 луѓе дека ќе ни киднапирале деца? Ова е небулоза и умствен недостаток. Протестот пред сè е поради медиумските изјави за оваа група, недоволната информираност и нагодување кој што рекол“, вели Кировски.

    Божин Трајкоски, кој дошол од Австралија, вели дека е разочаран од селаните кои протестираат поради тоа што дошле гости во Македонија.

    Сопственикот на хотелот, Маријан Иваноски, повратник од странство кој инвестирал во објектот 2 милиона евра, вели дека целата работа ја наткренале новинарите пишувајќи невистини за, како што рече, мирните луѓе кои биле љубезни, но и исплашени.

    „Изненаден сум од реакциите на моите сограѓани, не очекував но ги сфаќам по сите објави на медиумите кои раширија фама која не е во полза ниту на мојот хотел, ниту на луѓето сместени тука. 24 часа сум со нив и мојата ќерка со мало дете и спиеме соба до нив. Не гледам проблем, насилство. Напротив, многу се љубезни и исплашени, не излегуваат два дана од соба. Исплашени се дека месното население ќе ми наштети. Да се смират страстите и како дојдоа така да ги испратиме“, вели Иваноски.

    Илче Настоски, жител на селото пак, вели дека протести ќе има оти газдата на хотелот им ветил дека групата до вечер ќе го напушти хотелот.

    „Излегуваме на протест затоа што газдата на хотелот ни вети дека до вечерва ќе најде начин луѓето да си заминат од хотелот. Ние ќе протестираме културно за да заминат од селово, а каде ќе одат не знаеме. Доколку останат, дополнително ќе одлучиме како ќе делуваме, можно е и бојкот на наставата“, вели Настоски.

    Вчера, МВР поднесе кривична пријава за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем против В. С. од Охридско, која на Фејсбук напиша да се запали хотелот кај што престојуваат дојдените припадници „Лев Тахор“. При разговорот В. С. изјавила дека таа во неделата ја поставила содржината, а вчера самата ја избришала.

    „Лев Тахор“ („Чисто срце“) е еврејска религиозна група основана во 1988 која брои 250 членови. Верниците се противат на државното уредување од верски причини, поради што живеат по свои правила во верба дека човекот може да го спаси само господ. Но поранешни членови кои ја напуштиле групата сведочат дека лидерите последниве години вовеле екстремни практики, како детски бракови и малолетнички секс.
    Тие претходно ја напуштиле Канада, откако нивниот водач и неколку членови биле обвинети и лани во ноември во САД осудени за киднапирање 14-годишна девојче и 12-годишно момче од мајка која претходно била дел од групата и подоцна ја напуштила. Според американските власти, еден од лидерите вмешан во киднапирањето е брат на жената чии деца ги грабнал за да ги врати во групата.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира