Службата за дерматовенеролошки заболувања при Клиничката болница во Битола, една од најстарите во државата, го започна чествувањето на едновековниот јубилеј постоење со објавување на електронски алманах низ фотографии. Во него на сликовит начин е прикажана историјата и смената на генерациите во оваа служба која за првпат како државна амбуланта започнала со работа во 1925 година. Во 2025 ќе слават сто години работа, за што во следниот период ќе бидат организирани повеќе пригодни настани.
Државната амбуланта за лекување на дерматовенеролошки заболувања работела и за времето на окупацијата во отежнати услови. По ослободувањето се проширила и развила. Бил формирал комплетен диспанзер за дерматовенеролошки заболувања кој работи перманенто до денес. Во 1972 година се отворило болничкото одделение сместено во просториите на Болницата и стационар во кој се хоспитализирале болните од Битола, Прилеп, Ресен, Охрид, Струга, Кичево, Крушево, односно цел Југо-западниот Регион.
Меѓу докторите специјалисти кои се впишале во историјата на Службата се Спиридон Џамбазовски, Петар Димитров, Ставро Османли, Мирко Литовски, Натка Гроздановска Дијана Ѓоргиевска, Јелка Ѓеорѓиевска, Горка Мирчевска, Нина Стефановска, Евдокија Коцева, Елка Ѓоргиевска, Фани Нашокова, Александра Торкова- Танасковска, Дејан Петровски и Виолета Андреевска.
„Согласно годишните програми на Службата, во изминатите години, специјалистите се обучуваат на полето на дермоскопија, медицинско- естетска дерматологија, алергологија и варикологија. На тој начин се прошири видот и обемот на стручни услуги и подобри квалитетот на лекување на пациентите“, вели началничката д-р Дијана Ѓоргиевска, специјалист дерматовенеролог.
Денес, општата дерматолошка амбуланта е сместена во просториите на Здравствениот дом и работи преку Мој термин, а болнички дел е во склоп на Клиничката болница и е наменет за пациенти кои имаат потреба од лекување на кожни болести во болнички услови. Во Службата работат четворица лекари, би било добро да се ангажира уште еден и неопходна е натамошна модернизација преку набавка на современа апаратура.
Службата ќе ја добие и донацијата на Ротаракт клубот од Битола собрана за време на хуманитарниот настан одржан по повод Меѓународниот ден за борба против сидата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА