Камерите со кои се обезбедува Музејот на албанската азбука во Битола го уловиле вандалот кој лепел лепенки со навредливи содржини на објектот и со бехатон плочки ги искршил стаклата од влезната врата, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Камерата снимила едно лице како лепи лепенки на објектот и спомен плочата околу 23 часот вчеравечер. Не може да се види прецизно ликот, но носи светла виндјакна и темни панталони. Во два часот по полноќ во два наврати со бехатон плочка ги скршил двете стакла од влезната врата.
На лепенката која ја залепил на вратата има лав со меч кој му ги пресекува главите на двоглавиот орел и пишува „Смрт за шиптари“. На другата лепенка поставена на спомен плочата пишува „Стоп за шиптаризација на Македонија“ и прецртан е албанскиот национален симбол, односно двоглавиот орел.
Овој вандалски чин се случи в очи националната прослава на Денот на албанската азбука во Битола. Токму попладнево се планирани повеќе пригодни активности, меѓу кои и отворање на спомен соба на заслужните лица кои учествувале во создавањето на албанското писмо.
Директорт на музејот Нуер Арслани за САКАМДАКАЖАМ.МК го осуди ваквиот вандалски чин и изрази надеж дека во иднина вакви работи нема да се случуваат во интерес на зачувување на соживотот на граѓаните.
Битолчани пак се сомневаат дека ваквиот вандалски чин има политичка позадина, поточно дека е инспириран од нечии политички центри со цел да наруши соживотот во Битола и да се собираат политички поени.
„Секоја партија ги користи моментите за предизборна кампања. Кога ќе завршат изборите, се ќе се смири. Ова е само за да се добијат поени и гласови. Ова се случува затоа што нашите партии човекот го гледаат само како глас, а не како суштество со свои потреби и барања“, вели Кенан Хасани, долгогодишен новинар од Битола.
На оваа тема прес одржа и Здравко Савевски, носител на кандидатската листа на Левица во петтата изборна единица.
„Свесно се шири национализам меѓу Македонците и Албанците со цел да се одвлечи вниманието на обичниот ловек од реалните проблеми, да не се занимава со животниот стандард, колку не може да сврзи крај со крај, туку да се занимава со тоа што Албанците им направиле на Македонците и обратно. Битола не смее да падне на вакви евтини националистички финти“, рече Савевски.