Валандовчани од понеделник почнуваат со постапката за собирање на 2.000 потписи за распишување референдум против рудникот Казандол. Државната изборна комисија ги извести членовите на граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ дека се исполнети законските услови да се собираат потребните потписи за распишување локален референдум.
„Конечно добивме одобрение од ДИК за собирање потписи за да покренеме рефендум на локално ниво. Сите кои што сметаат дека е потребно граѓанско изјаснување за работата на рудникот Казандол од утре може да се попишуваат во канцеларијата на ДИК во општинската зграда, во наредите 30 дена. Јас сум убеден дека 2.000 потписи ќе ги собереме многу побрзо“, вели Роберт Марков од граѓанската инцијатива
Овие денови околу 150 активисти на „Спас за Валандово“ одат од село во село за да ги анимираат граѓаните за можните последици од работата на рудникот. Се делат флаери и брошури како за давање потпис така и за да се зачува еколошкото земјоделско производство во Валандово.
На терен деновиве се активни и преставници на компанијата ,,Сардич МЦ,, која го гради рудникот. И тие одат од врата на врата со што ги информираат граѓаните дека нивната инвестиција нема да го загадува Валандово ниту пак ќе наштети на органското земјоделско производство и овоштарство. Тврдат дека во рудникот ќе биде инсталирана опремата од фински „Аутек“ кој на светско ниво е докажан дека не испушта никакви штетни емисии во воздухот, водат и почвата.
Освен што ќе собираат потписи членовите на „Спас за Валандово“, со кампањата „Мрдни со прст“,, идната недела на 28 мај ќе организираат и Фестивал на локална храна и локален развој со цел да се анимираат предностите на еколошки чисто Валандово без тешка индустрија.
На фестивалот со десетина штандови, што ќе биде во валандовскиот парк Пеонија ќе биде изложена традиционална валандовска храна, локални земјоделски производи, но и преработи од калинка, јапонски јаболки, смокви кои се автентични за овој регион. Паралелно ќе има и музички перформанси и трибини на кои ќе учествуваат експерти од областа на животната средина, екологијата, економијата кои ќе зборуваат за недостатоците и предностите од евентуално фунцкионирање на рудникот Казандол.
„Сакаме да докажеме дека е можен економски развој и со еколошко земјоделско производство и Валандово треба да се стреми кон преработувачки капацитети за овошје и зеленчук а не кон производство на катоден бакар“, велат од здружението.
В.ТРАЈКОВ