ФУНКЦИОНЕРИ НА КУМАНОВСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ НА ПЕНЗИОНЕРИ СИ ИСПЛАЌАЛЕ ПОВИСОКИ ХОНОРАРИ, ПА ГИ ВРАТИЛЕ ПАРИТЕ ОТИ ЧЛЕНОВИТЕ ГИ ОТКРИЛЕ

    ФУНКЦИОНЕРИ НА КУМАНОВСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ НА ПЕНЗИОНЕРИ СИ ИСПЛАЌАЛЕ ПОВИСОКИ ХОНОРАРИ, ПА ГИ ВРАТИЛЕ ПАРИТЕ ОТИ ЧЛЕНОВИТЕ ГИ ОТКРИЛЕПремиерот Димитар Ковачевски пред еден месец ги посети кумановските пензионери. (Фото: Фејсбук)

    Претседателот, потпретседателот и секретарот на Здружението на пензионери Куманово (ЗПК) ја злоупотребиле функцијата и си исплаќале повисоки хонорари, обвинија членови на Собранието на пензионери. Тие тврдат дека одлуката да си ги зголемат месечните надоместоци ја донел претседателот Благе Јакимовски, што е спротивно на Статутот, бидејќи таква одлука морале да помине на Собрание.

    „Зголемувањето на надоместоците било од 12.000 на 14.000 денари за претседателот, на потпретседателот од 11.000 на 12.000 ден и на секретарот од 10.000 на 12.000 денари. Дополнително им се исплаќани и надоместоци за присуство на седниците, по 1.000 денари за секоја седница, што исто така е незаконски“, тврди Назим Емини, претседател на Собранието на ЗПК.

    При вонредна контрола злоупотребата ја потврдил Надзорниот одбор и случајот го пријавиле во МВР, УЈП и Јавното обвинителство во Куманово. Тројцата функционери ја признале грешката и вратиле 60.000 денари од средставата на сметката на здружението.

    Претседателот Благе Јакимовски тврди дека немало никаква злоупотреба со донесување на одлуката за зголемување на нивните хонорари, туку дека се работи за пропуст, бидејќи не знаеле дека одлуката од 2012 по која постапиле е укината во 2016.

    „Постојат институции и доколку постои вина нека ја утврдат. Јас одговорно тврдам дека кај нас не постои злоупотреба, работиме по закон“, изјави Јакимовски.

    Тој вели дека група делегати врши притисок врз пензионерите, помогнати и од одредени партиски структури за да се смени актуелното раководство. Изборите за ново раководство се во март годинава.

    Во Куманово има околу 15.600 пензионери и здружението е едно од најголемите во државата .

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира