Градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу денеска промовираше поврзувачка порта меѓу Бит Пазар и Старата Чаршија во Скопје. Изработена е од челик и стакло и, како што кажа Ганиу, оваа инвестиција го „збогатува урбаниот карактер на Чаршијата, зачувувајќи го духот на живиот и динамичен пазар“.
„Овој современ конструкциски објект, изработен од челик и стакло, претставува функционален и естетски влез, кој создава природна врска меѓу двата најзначајни трговски простори во градот. Покрај заштитата од атмосферските влијанија, оваа инвестиција го збогатува урбаниот карактер на Чаршијата, зачувувајќи го духот на живиот и динамичен пазар. Како симбол на спојот меѓу традицијата и модерното оваа поврзувачка порта ја подобрува инфраструктурата и искуството на граѓаните и посетителите“, рече Ганиу.
Старата скопска чаршија е заштитено подрачје и за изведба на какви било проекти потребна е дозвола од Конзерватроскиот центар Скопје. Од Општина Чаир, на нашето прашање дали имаат дозвола од Конзерваторски центар, ни рекоа дека такво одобрение не е потребно.
„Станува збор за урбана опрема и овој дел се наоѓа во Деталниот урбанистички план Мавровка. Има одлука на Совет на Општина Чаир, не е потребно дозвола од Конзерваторски“, ни рекоа од Одделението за урбанизам на Општина Чаир.
Од Конзерваторски центар ни рекоа дека ќе направат проверки за градбата.
А. АНТЕВСКА