Министерството за транспорт и врски го измени Правилникот за урбанистичко планирање, со кој хотели со 20 соби станаат објекти од државно значење и со тоа се олеснува постапката за нивна изградба. Министерството го донесе измените без да ги прифати забeлешките на урбанистите и граѓанските иницијативи, кои го критикуваа ваквото решение.
Измените се донесени на 12 февруари, само два дена по одржување на стручната расправа на која беа изнесени низа забелешки од стручната јавност. Со нив, сега хотели и хотелски комплекси со површина над 1.000 метри квадратни, освен градски хотели, се прогласуваат за објекти од државно значење. Образложението од Министерството е дека овие измени се прават со цел развој на туризмот, но не во градски средини туку надвор од населни места.
На стручната расправа која се одржа во Министерството, присутните претставници од Комората на овластени архитекти и инженери и од граѓанската Иницијатива О2 рекоа дека ова ново решение не е добро и остава простор за сомнежи.
„Оваа измена е уназадување на правилникот за урбанизам. Па 1.000 квадрати може да биде и една куќа за индивидуално домување. Хотел со 20 соби не е објект од државен интерес. Да беше над 10.000 кавдратни метри ќе имаше некаква логика, иако и таа површина е мала за вистински хотелски комплекс кој ќе придонесе за развој на туризмот, како што велите вие. Кој ќе ги издава дозволите? За објекти од државно значење дозволите ги дава државата, но хотелите се категорија Б и тие се под надлежност на Општините. Значи треба да им ја смените и категоријата“, рекоа претставниците од Комората на овластени архитекти и инженери.
Од Граѓанската иницијатива О2 и од „Независни за Карпош“ рекоа дека овој закон отвара простор да се градат хотели без носење на Детален урбанистички план (ДУП).
„Ако велите дека ова ќе важи само за подрачја надвор од градски средини, тогаш зошто тоа не е наведено во измените? Во точката 19 која се додава стои ‘хотели и хотелски комплекси со површина над 1.000 метри кавдратни освен градски хотели‘. Какви се тие градски хотели, таква категоризација нигде нема. Исто така, сега ќе може да се градат хотели без јавна анкета, граѓаните не ќе можат да ги кажат своите забелешки“, рече Татјана Чакулев, советничка од „Независни за Карпош“ во Советот на Општина Карпош.
А. АНТЕВСКА



