МЕСТО ДА ТЕЧЕ ВО ДОЈРАНСКОТО ЕЗЕРО, ВОДАТА ПОПЛАВИ НИВИ, ИСКЛУЧЕНИ ПУМПИТЕ ОД ХИДРОСИСТЕМОТ „ЃАВАТО“, ТРИ ДЕНА ОТКАКО ГИ ПУШТИ МИНИСТЕРОТ МЕЏИТИ

    МЕСТО ДА ТЕЧЕ ВО ДОЈРАНСКОТО ЕЗЕРО, ВОДАТА ПОПЛАВИ НИВИ, ИСКЛУЧЕНИ ПУМПИТЕ ОД ХИДРОСИСТЕМОТ „ЃАВАТО“, ТРИ ДЕНА ОТКАКО ГИ ПУШТИ МИНИСТЕРОТ МЕЏИТИПред да се активираат пумпите потребно е да се санира цевководот што од „Ѓавато“ ја носи водата до Дојранското Езеро. (Фото: СДК.МК)

    Денеска се исклучени трите пумпи од хидросистемот „Ѓавато“ кои во саботата беа пуштени да работат за да се полни Дојранското Езеро.  Изминативе денови вода не стаса  од системот до каналот за Дојранското Езеро, но поплавени се засеани ниви вдолж цевководот од Ѓавато-Богданско до Дорјанското Езеро.

    Поплавена е и површината од декар и пол на Никола Стојанов од Фурка на местото Крај Река во богданско Црничани, на која есенва засеал пченица.

    „Планирам да одам да видам, бидејќи еден мој пријател ми го пушти видеото во кое се гледа како шприца вода од цевководот во мојата нива и е поплавена. Реагирав до надлежните да ја стопираат и не знам дали е сопрена водата. Цевководот поминува покрај мојата нива која што е засеана со пченица. Гледајќи го видеото мислам дека е однесено сè и ќе нема жито од нивата“, вели Стојанов.

    Вработени од Хидросистемот „Ѓавато“ потврдија дека ги стопирале пумпите кои завчера беа пуштени од министерот за животна средина Изет Меџити. Соопштија дека имало реакции до нив од земјоделци оти водата од цевководот долг 22 километри им ги поплавила нивите. Признаа дека наместо да се активираат пумпите потребно е да се санира цевководот што од Ѓавато ја носи водата до Дојранското Езеро.

    „Пред три часа се исклучени пумите, со оглед дека на одредени позиции не е саниран цевковод па водата од истиот протекува. Завчерашното пуштање на дел од пумпите беше избрзано, бидејќи општо познато е дека цевководот е оштетен и на него има многу диви приклучоци. Сето тоа е нотирано и во записниците на Државниот инспекторат за животна средина, кои низ годините констатираа дека има и диви приклучоци од страна на земјоделци“, ни изјавија вработени задолжени за системот кои сакаа да останат анонимни.

    На 9 ноември, министерот за животна средина и вицепремиер Изет Меџити соопшти дека се пуштаат три техничко исправни пумпи од хидросистемот „Ѓавато“ со капацитет од 200 литри во секунда. Соопшти дека после три години мирување се активираат пумпите. Уште тогаш кажа дека за да има ефект по Дојранското Езеро потребно е ставање во употреба на повеќе пумпи за да има капацитет од 600 до 700 литри во секунда, а паралелно да се санира и цевководот на кој има и диви приклучоци од земјоделците.

    „Пумпите ќе ги вклучиме и ќе ја следиме состојбата за да знаеме колку вода ќе стигне до езерото. Тоа е реалноста. Јас не можам да кажам колку ќе стаса. Пумпите ќе функционираат, јас ќе контролирам и ќе знам дали и колку вода ќе стаса, каде и колку ќе има загуби. Тоа ќе го простудираме и потоа дополнително ќе седнеме со министерот за да видиме што понатаму“, кажа тогаш раководителот на хидросистемот Јован Попов.

    Министерот Меџити тогаш кажа дека неделава ќе ја имаат јасната слика околу хидросистемот „Ѓавато“ и посочи дека не се многу пари околу санацијата.

    „Тоа што го слушам не е голем паричен товар за Министерството за да се најде решение корисно и за земјоделците и за езерото“, кажа Меџити.

    Хидросистемот „Ѓавато“ е изграден во 2002 заради полнење на Дојранското Езеро и да се спречи еколошка катастрофа. Во 2022, поради високите сметки за електрична енерија системот беше исклучен. Системот изминативе години се користеше и за дотур на вода во браната Паљурци кај Богданци при намален водостој. На системот се приклучени и повеќе правни и физички лица кои ги наводнуваат своите плантажи и ниви.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира