Противпожарната единица од Штип успеа да го локализира пожарот што вчера избувна во околината на манастирот „Света Недела“ кај Штип, покрај патот за планинското село Шашаварлија. Со тоа е спасена борова шума на површина од над 30 хектари.
„Интервениравме со три противпожарни возила и 15 пожарникари. Теренот беше непристапен, па моравме со метли да го гасиме огнот. При интервенцијата гореше само тревата под боровата шума, па не дозволивме да бидат зафатени високите борови дрвја. Штетите ќе беа огромни, бидејќи се работи за голем шумски појас и за борова шума засадена пред половина век“, кажа командирот на Противпожарната единица во Штип, Дарко Коцев.
Пожарот избувна синоќа околу 19:30 часот. Огнената стихија била носена од силниот ветер, па во опасност бил и манастирот. Чадот што се ширеше од опожареното подрачје се гледаше и од Штип.
Т. ЈОВАНОВСКИ