Охрид доби Музеј на филигран во чест на Вангел Деребан, легендата на македонското кујунџиство, кој почина пред осум години. Во неговата некогаш атрактивна работилница во Oхридската чаршија, сега се наоѓа поставка на филигранскиот алат со кој работеле старите кујунџии, накит стар со векови како и работилница за изучување, запознавање и презентација на вештините на филигранството.
За внуците на Деребан, возобновувањето на работилницата е исполнување на аманетот на нивниот дедо за да не се заборави занаетот.
„Идејата ни беше да го возобновиме овој дом, да ја возобновиме работилницата каде дедо ми изработуваше накит. Во истовреме да направиме една поставка каде што ќе го покажеме накитот кој мојата фамилија го има сочувано затоа што сакаме да го претставиме нашето културно македонско богатство“, вели внукот на Вангел, Никола Деребан.
Филигранот за Никола е уметност, еснаф, богатство и култура на еден народ.
„Вангел Деребан живееше за да твори и да покаже на светот колку е богат духот на Македонецот и да го пренесе на поколенијата сето свое знаење и вредности за да создадат здрава иднина. Во овој објект можете да пловите низ времето, да го посетите минатото и да ги видите богатствата на македонскиот народ, да купите парче накит изработен во најновите трендови, задржувајќи ја магијата на традиционалниот филигран и на крај да го посетите местото каде ќе се раѓаат идните филигранисти и ќе се учат вредностите на занаетот, филигранот и македонскиот накит“, вели внукот Никола.
За охридскиот градоначалник Константин Георгиески, Музејот на филигранот претставува збогатување на туристичката понуда на Охрид, но и зачувување на старите занаети по кои е препознатлив градот.
„Овој репрезентативен и современо уреден простор ќе биде уште една дополнителна понуда за туристите и ќе придонесе за зачувување и развој на филингранството како занает. Овој проект е вистински пример за зачувување на традиционалните и културните вредности на Охрид“, рече Георгиески.
Во Музејот има шест поставки од кои пет се со женски накит и една со машки накит, каде има парчиња стари и до 200 години зачувани до ден денеска со полудраги и драги камења, изработени во сребро и злато.
На вчерашната свеченост на отворањето на Музејот беше презентирано и реизданието на книгата „Македонскиот накит“ на Вангел Деребан.
Реализацијата на овој проект е со поддршка на Европска Унија преку програмата Проект за локална и регионална конкурентност. Музеј на филигранот на Вангел Деребан ќе биде на мапата на македонски музеи во кои се негува македонската вековна култура и традиција.
Вангел Деребан, човекот со „златни раце“, е роден во Струга во 1920, живееше 93 години. Тој беше шеста генерација филигрански мајстори на фамилијата Деребан. Сребрената пеперутка, позната по ТВ-спотот „Купувајте македонски производи“ на Милчо Манчевски, која се чува во националниот Музеј на Македонија ја има изработено неговиот татко Александар.
С. ВРЕНЦОВСКА