НАПРОЛЕТ ЌЕ СЕ УТВРДУВА ДАЛИ ПАЛМИТЕ ЈА ПРЕЖИВЕАЛЕ ЗИМАТА, ВЕЛАТ ОД „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“

    НАПРОЛЕТ ЌЕ СЕ УТВРДУВА ДАЛИ ПАЛМИТЕ ЈА ПРЕЖИВЕАЛЕ ЗИМАТА, ВЕЛАТ ОД „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“

    Влакнестите палми засадени во Скопје можат да издржат температури од минус петнаесет степени целзиусови, а како ја поднеле оваа зима со минус дваесет степени ЈП „Паркови и зеленило“, за да утврди, ќе ја чека пролетта. Вработени во претпријатието велат дека нивниот сегашен изглед не е мерило за тоа дали преживеале. Дали има штети на дрвјата и колкави се ќе се знае извесен период по симнувањето на обвивката од јута со која се замоткани.

    Директорот на ЈП„Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ веќе неколку години по ред објаснува дека стеблата на палмите дополнително ги заштитуваат со јута која не дозволува да замрзнат иако и незавиткани тие издржуваат температури од -15 степени.

    Скопските палми се дел од 1100-те палми кои за половина милион евра ги набави ЈП „Македонски шуми“ од Друштвото за производство, трговија и услуги „РОССЕН ЦЕНТАР“ од село Стримница во Општина Желино.

    За да ги поднесат пеколните скопски горештини, изминативе две лета „Паркови“ ги тушираше палмите. Вградени се прскалки кои секое утро, на лето ги прскаат крошните, а не коренот на палмите. Од претпријатието никогаш не кажаа колку ги чинеа тушевите, ниту пак целосното одржување на палмите.

    Посебна ставка за одржување на палмите нема ниту во Програмата за изградба и одржување на зеленилото за 2017 година. Советот на Скопје на последната седница даде согласност на ЈП „Паркови и зеленило“ од април до декември оваа година да вработи дополнителни 85 работници за одржување на булеварското зеленило поради зголемениот интензитет на одржување. За тоа се предвидени 6.973.400,00 денари кои ќе бидат субвенција за претпријатиетот од Буџетот на Град Скопје за 2017 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира