НЕДОСТАСУВААТ КОНЗЕРВАТОРИ ЗА ФРЕСКО СЛИКАРСТВО ПОРАДИ ШТО ПРОПАЃААТ МНОГУ СПОМЕНИЦИ НА КУЛТУРАТА

    НЕДОСТАСУВААТ КОНЗЕРВАТОРИ ЗА ФРЕСКО СЛИКАРСТВО ПОРАДИ ШТО ПРОПАЃААТ МНОГУ СПОМЕНИЦИ НА КУЛТУРАТАДелови од фрескоживописот кои се отстрануваат, тие што се од 19. век, ќе бидат зачувани и кога ќе заврши целата работа, тие ќе бидат изложени во посебен музејски простор во рамките на Лешочкиот манастир. (Фото: СДК.МК)

    Во малата црква Св. Богородица која се наоѓа во комплексот на Лешочкиот манастир во тек се работи за реставрација на фрескоживописот. Во објектот, кој е ставен под заштита на државата како значаен културно историски споменик, екипа од петмина конзерватори од Националниот конзерваторски центар, макотрпно, милиметар по милиметар симнуваат од горниот слој од фреските кој е многу оштетен од влагата.

    „Националниот конзерваторски центар оваа година продолжи со активностите во црквата Света Богородица во Лешок. Минатата година се работеше на дел од живописот, а пролетва продолживме со работата. Работиме на чистење на живописот. Во црквата има двослоен живопис, горниот слој е од 19. век, а под него се наидовме на живопис кој датира од 17. век. Во црквата се обидуваме да го презентираме оној живопис кој е прикриен со живописот од 19. век. Постепено, по механички пат, го отстрануваме слојот од 19. век, некогаш користиме и хемиски методи на отстранување. Во еден дел од апсидата наидовме на слој кој е многу постар, не можам точно да кажам од кој век е, дали е од 14. или 15. век, но тој е само фрагментарно сочуван и не знаеме колку и до кој степен има останато од него“, вели Владо Мукоски, советник конзерватор за ѕидно сликарство од Националниот конзерваторски центар.

    Работите за заштита на овој значаен културно историски споменик започнаа уште пред десет години, но мораа да прекинат бидејќи првин требаа да се извршат поправки во архитектонскиот дел од објектот, односно да се направи соодветна дренажа околу црквата за да се спречи пробивање на влагата кој ги оштетуваше фреските. Откако се реши тој дел, од минатата година повторно се започна со реставрација на фрескоживописот, а по пауза во зимскиот период, работите пролетва повторно продолжија.

    „Треба да се ангажираат повеќе стручни лица, но ние имаме проблем со недостаток на стручен кадар. Ако до пред 5 години ние, како стручен кадар, бевме ендемски вид од оваа година станавме субендемски вид. Во целата држава останавме само неколку конзерватори за ѕидно сликарство кои ја работат оваа професија. Имаме голема потреба од стручен кадар во оваа област. Тој не може да се увезе или донесе, тој треба со години да се создава, преку теренска работа, со едукација. Затоа најголемиот проблем во заштитата на културно историските споменици е токму тоа недостатокот на стручни лица. Тоа ги остава спомениците на културата на милост и немилост и на пропаѓање. Ние во годишната програма работиме на уште неколку објекти и е невозможно да постигнеме и поради тоа што на секој објект работиме по фази. Поради тоа, а и поради недостатокот на стручен кадар, не можеме на пример цела една година да му се посветиме на еден споменик“, објаснува Мукоски.

    Ако до неодамна градежните работи за заштита на објектите од културно историско значење ги работеа стручни лица од конзерваторскиот центар, сега со промените во Законот, таа работа, преку тендери им се доделува на градежни фирми кои немаат речиси никакво искуство од работа на заштита на вакви специфични објекти.

    „Државата треба да посвети посебно внимание кој и како ги заштитува овие споменици на културата. Доколку дозволиме таа работа да ја вршат фирми кои немаат искуство во ова, ќе се соочиме со проблеми“, додава Мукоски.

    Делови од фрескоживописот кои се отстрануваат, тие што се од 19. век, ќе бидат зачувани и кога ќе заврши целата работа, тие ќе бидат изложени во посебен музејски простор во рамките на Лешочкиот манастир.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира