НЕМА РЕВИЗИЈА НА ФИНАСИСКОТО РАБОТЕЊЕ, БАЗЕНОТ ВО КАРПОШ ЗАТВОРЕН ПОРАДИ МЕНУВАЊЕ НА ВОДАТА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ПЕРИНСКИ

    НЕМА РЕВИЗИЈА НА ФИНАСИСКОТО РАБОТЕЊЕ, БАЗЕНОТ ВО КАРПОШ ЗАТВОРЕН ПОРАДИ МЕНУВАЊЕ НА ВОДАТА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ПЕРИНСКИДиректорот Златко Перински вели дека базенот е затворен од минатата недела, но исклучиво поради менување на водата. (Фото: СДК.МК)

    Нема ревизија на финансиското работење на „Вип Базенот“ во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Карпош. Тој е затворен поради редовен летен ремонт.
    Пливачи кои го посетуваат овој базен се пожалија дека веќе една недела не можат да се рекреираат таму оти, под изговор дека се работи за летен ремонт, базенот бил затворен откако почнала ревизија на финансиското работење поради сомневање дека парите се одлевале во политичка партија .

    Директорот Златко Перински вели дека базенот е затворен од минатата недела, но исклучиво поради менување на водата.
    „Не се работи за никаква ревизија или било каква контрола. Го празниме базенот со цел да ја смениме водата и ова е редовна постапка, ја правиме секое лето во последната недела од јули и првата од август оти во овој период посетеноста на базенот е најмала во летната сезона, поради годишните одмори. Ја испуштаме водата, правиме хиперхлорирање и повторно го полниме. Се работи за околу 1.800 кубни метри вода и периодот во кој што е затворен базенот исклучиво времето потребно за празнење и полнење на коритото“, вели директорот Перински.

    Летниот ремонт на базенот е неопходен од хигиенски причини. Директорот Перински вели дека летните месеци во просек имаа по 400 посетители дневно, па за да се одржи квалитетот на водата, мораат целосно да ја заменат.
    „Немаме причина поради финансиска или било каква контрола да го затвораме базенот за посетители. Не се плашиме од ревизии, последната беше минатата година. Летниот ремонт го правиме во исто време последниве четири години, а кој и да дојде да го управува Спортскиот центар верувам дека ќе ја продолжи праксата“, рече Перински.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира