Поранешниот премиер Зоран Заев во својство на бизнисмен учествуваше на дебатата со студентите од Универзитетот на југоисточна Европа во Тетово, каде што се зборуваше за актуелната енергетска криза и за растот на инфлацијата во државата, а и во светот воопшто. Според Заев, енергетската криза во која денес се наоѓа државата е резултат на тоа што недоволно се вложувало во изградба на енергетски капацитети, како во времето кога тој беше премиер, така и во периодот на претходните влади.
„Како поранешен премиер можев да се обложам дека ТЕЦ Осломеј тешко ќе можеше да се стави во функција. Но, еве, двете турбини работат. Осломеј работи, двата блока во Битола работат, како и гасната електрана во Скопје. Да сум сега премиер, би направил уште повеќе инвестиции во енергијата за да има повеќе производство. Кога зависите од други, колку и да се пријателски земјите, вие сепак зависите од нив. Веројатно како премиер можев да направам повеќе, но и поранешните премиери и влади можеа уште повеќе. Затоа треба да учиме од тоа и да инвестираме во енергетиката“, изјави Заев.
На новинарско прашање дали би се вратил во политиката, Заев одлучно го одби тоа.
„Немам намера да се вратам во политиката и да им олеснам на неколкумина луѓе. Поради Фондацијата ‘Заев‘ и моите општествени активности немам намера да се кандидирам за претседател на државата. Дваесет години сум во политиката, ќе ја помагам оваа и секоја идна влада“, изјави Заев.
На дебатата организирана од Студентскиот парламент на Универзитетот на ЈЕ, учествуваа и ректорот Абдулменаф Беџети и деканката на Факултетот по економија на истиот Универзитет, Хирије Абази Алили.
З. АНДОНОВ