Недоволно се рaзговара за терапијата на лицата со дијабетес, не се набавуваат навреме помагала, нема иновативни терапии, дигитализирани, не се разговара за квалитетно менаџирање на дијабетесот кај пациентите, велат лицата со дијабетес по повод 14 Ноември, Светскиот ден на дијабетесот. За нормално живеење потребни се неколку работи, кои со години лицата со дијабетес ги бараат, но никако да се добијат.
„Потребен е отворен пазар, лек кој може да се купи и да се стави на сметка на Фондот зa здравствено осигурување (ФЗО) преку аптеките. Ова се однесува на антидијабетна терапија. Сензори за мерење шеќер има за деца и млади, но тие се 10 отсто од вкупниот број на лица со ТИП 1 дијабетес, а потребни се за сите лица со ТИП 1 дијабетес, за да имаат за континуирано мерење, како во цел свет. Така овие лица може нормално да фукнционираат 24 часа, да одат на работа, на училиште, редовно да ги извршуваат домашните и општествени функции. Во Македонија три илјади лица со ТИП 1 дијабетес немаат такви сензори. Потребни се глукомерите кои што се по нов модел, да се набавуваат по референтна цена, тоа е да може лицето да ја набавува и од селска рурална аптека на сметка на државата со соодветен број на летни. Во пракса тоа е државата да гарантира набавка за пациент до одредена вредност, а доколку тој сака повеќе, сам ја доплатува. Потребни ни се целосни услуги, докторите да ги прегледуваат лицата не само за нивото на шеќерот во крвта, туку и за компликациите кои ги имаат со срце, бубрези, очи, да имаме годишни, двегодишни прегледи за сите кои се на инсулинска терапија“, кажа Димче Велев, претседател на Сојузот на здруженија на лица со дијабетес од Македонија.
Во Македонија има околу 130.000 лица со дијабетес, од нив лани 3.000 биле со ТИП 1, а претходните години бројката била повисока, 4.000 што според Велев, зборува за иселувањето и миграција. ТИП 2 лани имало 35.000 илјади лица кои се на инсулин. Според проценките, оваа бројка се множи со три и се добива бројот на недијагностицирани лица со дијабетес.
„Дијабетесот не е само зголемено ниво на шеќер во крвта, туку се појавуваат и други компликации и болести. Дијабетесот е хронична скапа болест, која го засега целото семејство, бидејќи за грижа се ангажирани сите од неговото опкружување. Настанува како резултат на нездрав начин на живот, посебно лоша исхрана. Тоа е консумирање на брза храна, газирани пијалоци, намалена физичка активност, но и стрес и начинот на современото живеење. ТИП1 дијабетес се јавува кај млади луѓе до 30-годишна возраст и се лекува исклучиво со инсулин. ТИП 2 дијабетесот е кај повозрасната популација. Дијабетесот пројавува бројни компликации на различни крвни садови, на цело тело, кои страдат од високото ниво на шеќер. Таков е случајот со ретината, мозочните крвни садови, се јавува срцева слабост, бубрежна слабост. Или од високиот шеќер страда целиот организам. Со урамнотежена, балансирана искрана, со умерена физичка активност се постигнува идеална глико регулација“, кажа интернист д-р Елена Левкова-Ќулумова.
Таа потсетува на петте златни правила: здрава и балансирана исхрана, физичка активност: секојдневно пешачење најмалку од 30 минути и тоа да се зголемува, самоконтрола – мерење на нивото на шеќерот со глукометри пред и после оброк, едукацијата, како и употреба на лековите со нивно прaвилно користење.
П. ПЕЧКОВ