НОВИОТ ВП ДОМ ВО ТЕТОВО КАКО ДА Е ПРОЕКТИРАН ДА БИДЕ ВИП ЗАТВОР, НАМЕСТО ВОСПИТНО-ПОПРАВНА УСТАНОВА ЗА МАЛОЛЕТНИЦИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ СТОЈАНОВСКИ

    НОВИОТ ВП ДОМ ВО ТЕТОВО КАКО ДА Е ПРОЕКТИРАН ДА БИДЕ ВИП ЗАТВОР, НАМЕСТО ВОСПИТНО-ПОПРАВНА УСТАНОВА ЗА МАЛОЛЕТНИЦИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ СТОЈАНОВСКИПоследниве 18 години ВП домот „Тетово“ беше селен во затворот во Шутка, потоа во затворот во Прилеп, од таму неколку години беше во затворот во Велес, па сега во затворот во Охрид и секогаш стануваше збор за импровизирани и несоодветни услови. - Директорот на ВП домот „Тетово“ Зоран Стојановски во новиот обкект во тетовското село Волковија (Фото: СДК.МК)

    Извештајот на Народниот правобранител дека во Воспитно-поправниот дом „Тетово“, сместен во Охрид, воспитувачите ги ресоцијализираат штитениците – деца и малолетници со континуирана терапија со дијазепам, хелекс и други антидепресиви силно ја возбуди јавноста. Сепак, остана неразјаснето зошто ВП домот „Тетово“ се наоѓа во Охрид, а не во Тетово. Директорот на оваа установа Зоран Стојановски ги појаснува овие состојби.

    „Воспитно-поправниот дом ‘Тетово’ функционира веќе 57 години и е единствената ваква установа во Македонија во која се упатуваат малолетници, не на издржување на казна, туку на воспитна ресоцијализација. До 2001 година, нашата установа, која се наоѓаше веднаш до Арабати Баба теќе во Тетово, беше една од најмодерните установи од ваков вид дури на европско ниво. Во рамките на домот имаше училиште опремено со најсовремени кабинети, имаше работилници во кои штитениците можеа да изучуваат дури 10 занаети, имавме свое стопанство од каде во најголем дел се снабдувавме со храна, имаше доволен број персонал, а сето тоа даваше извонредни резултати во ресоцијализацијата на нашите штитеници. Кога во 2001 година изби конфликтот во Македонија, од безбедносни причини ние моравме да го напуштиме објектот во Тетово и да се дислоцираме во Скопје“, вели Зоран Стојановски директор на ВП домот „Тетово“ од Тетово.

    Во 2001 година, по смирувањето на воените дејствија, во дел од објектите кои не беа разрушени се всели Исламската верска заедница со образложение дека тоа порано бил нивни имот кој државата им го национализирала. Тие повеле и активности за денационализација, а според секретарот на тетовското муфтиство на ИВЗ Намик Џафери неодамна целиот простор на кој беше сместен ВП домот е повратен во владение на ИВЗ.

    „Од 2001 година почнува нашата голгота и талкање по установите низ Македонија, која трае до ден денес. За овие 18 години првин бевме префрлени во затворот во Шутка, потоа во затворот во Прилеп, од таму неколку години бевме во затворот во Велес и секогаш стануваше збор за импровизирани и несоодветни услови. Од пред 4 години сме во затворот во Охрид, а овде условите се најлоши досега. Тоа е најмалиот затвор во Македонија, но и покрај тоа во него покрај ВП домот, сместени се и затворот за малолетници и притворот. Таму нема ама никакви услови за ресоцијализација на штитениците на ВП домот. Ние сме единствена ваква установа во државата и навистина е штета што државата вака се однесува кон нас“, посочува Стојановски.

    Она што дополнително создава забуна кај јавноста е старосната граница на лицата кои се упатуваат во ВП домот и карактерот на оваа установа.

    „Има разлика помеѓу затвор до воспитно-поправен дом. Малолетните лица кои се осудени за убиство се упатуваат во малолетничкиот затвор. Ние сме воспитно-поправна установа и кај нас, според законот, се упатуваат лица од 14 до 23-годишна возраст. Сега, меѓу 16 штитеници на ВП домот „Тетово“, најголемиот број се лица над 18 години. Дел од се оженети и имаат и свои семејства и деца, но и покрај тоа законски тие се водат како деца. Ги има од сите националности, а најмногу се Роми. Битно е да се каже дека престојот овде не е казна, туку е воспитна мерка која трае од една до пет години. Штитеникот може да биде отпуштен оттука кога ќе ги исполни условите на ресоцијализацијата, тоа може да биде за неколку месеци или за најмногу 5 години. Но, и во овој сегмент имаме проблеми, судиите треба редовно да нè посетуваат секои шест месеци за да направат увид како напредува ресоцијализацијата на штитениците, но тие никогаш не дошле, истото се однесува и за центарот за социјална грижа. Нема интердисциплинарен систем на соработка, нас нè оставаат сами и потоа нè критикуваат и велат не сме работеле соодветно“ надополнува Стојановски.

    Во 2001 година, по смирувањето на воените дејствија, во дел од објектите на ВП домот „Тетово“ кои не беа разрушени се всели Исламската верска заедница со образложение дека тоа порано бил нивни имот кој државата им го национализирала. (Фото: СДК.МК)

    Поради ваквата состојба на ВП домот „Тетово“, Владата во 2012 година донесе решение да се изгради нов објект на локација кај тетовското село Волковија. Но, и тука работата не одеше според плановите. Жителите на Волковија две години протестираа и ја спречуваа изградбата на ВП домот бидејќи не сакаа таков објект да се гради веднаш до нивното село. И покрај противењето, изградбата започна во март 2014 а домот требаше да се пушти во употреба во март 2017 година, но во текот на целиот процес на градба имаше застои поради пролонгирање на роковите од страна на изведувачот, се јавија проблеми со снабдувањето со вода, имаше многу изборни циклуси во овој период што значеше закочување на сите процеси во тие периоди.

    „Деновиве ќе се спроведат и последните тендери околу електричната енергија и водоводните инсталации во новоизградениот објект во Волковија. Начелно би можело, ако сè оди како што треба, технички прием да се изврши до крајот на декември, а употребна дозвола и префрлање на штитениците би се извршила после изборите во април 2020 година. Кога на прв поглед ќе се види овој новоизграден објект се добива впечаток дека станува збор за супермодерна установа, но за жал не е така. Кога на времето го проектирале објектот не се направени анализи, не се погледнати статистики за да се види движењето на криминалитетот за наредните неколку децении, никој не нашол за згодно да нè консултира и да нè праша како треба да изгледа еден ВП дом, колкав капацитет ни е потребен, кои содржини треба да ги има. Направен е за капацитет за 116 штитеници, што во секој случај е предимензионирање на вистинските потреби. Сега имаме 16 штитеници и според нашите проекции тој број во наредните дваесетина и повеќе години не би требало да ја надмине бројката од 40 до 50 штитеници. Ако во стариот дом имавме цело училиште на два ката со кабинетска настава, овде имаме само две училници и што е пострашно само една работилница за работно оспособување а би требало да има најмалку 6-8 работилници. Објектот има амбуланта, но здравствената заштита ќе претставува проблем. За разлика од порано, сега законски веќе не можеме да вработиме лекар во установата. За ваква установа потребна е перманентна покриеност со здравствена заштита, бидејќи се работи за крајно ранлива категорија осуденици кои се склони кон самоповредување. Дел од нив се тешки зависници од наркотични средства и ние мора да ја почитуваме терапијата која им ја препишале лекарите. И во таква една состојба, кога ВП домот е оддалечен дваесетина километри од градот и при евентуални потешки повреди кога на брзата помош и се потребни најмалку триесетина минути да пристигне, го прави целиот овој објектот несоодветен за намената за која е предвиден. Мој личен впечаток е дека објектот како да е проектиран да биде еден одличен ВИП затвор, а не ВП дом за малолетници“, заклучува директорот Стојановски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира