Поставувајќи камења, автомобилски гуми и палејќи оган на регионалниот пат Битола-Ресен жителите од битолско Картон Маало, во населбата Баир, се побунија зашто вчеравечер на минус 16 степени останаа без струја. Ова е најсиромашната населба во Битола, каде во најголем дел жителите на диво се приклучуваат на струјната мрежа.
„Ќе палиме дури не ни пуштат струја. Ова е претерано. Во најстуденото децата да ни мрзнат. Нека ни ја подигнат социјалната помош, да можеме и ние да плаќаме струја како останатите луѓе“, рече Расим Ајрадиновски, учесник во блокадите.
Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН, вели тие не им ја исклучуваат струјата, туку од преоптовареност горат осигурувачите.
„Во тој дел од Битола мрежата е целосно реконструирана да поднесе голем товар. Но, не може да го поднесе товарот од дивите приклучувања и неконтролираното трошење струја. И на жителите таму, како на сите други корисници им се дваа можност легално да се снабдат со струја и доколу имаат долгово да ја платат на рати, да им помогнеме. Но има многу на диво приклучени“, вели Ковачевски.
Ж. Здравковска