ОПШТИНА БРВЕНИЦА ЌЕ ДАДЕ 200 ХЕКТАРИ ЗЕМЈИШТЕ ЗА ИЗГРАДБА НА ФОТОНАПОНСКИ ЕЛЕКТРИЧНИ ЦЕНТРАЛИ

    ОПШТИНА БРВЕНИЦА ЌЕ ДАДЕ 200 ХЕКТАРИ ЗЕМЈИШТЕ ЗА ИЗГРАДБА НА ФОТОНАПОНСКИ ЕЛЕКТРИЧНИ ЦЕНТРАЛИНа овој простор може да се изградат фотоволтаични централи со вкупна јачина од околу 200 мегавати. (Фото: СДК.МК)

    Општина Брвеница предвидува наскоро да даде околу 200 хектари земјиште за изградба на фотоволтаични електрични централи. На рамното плато во близина на селото Гргурница постојат извонредни можности за изградба на вакви централи бидејќи местоположбата е одлична, а надморската височина овозможува фотоволтаичните панели помалку да се загреваат, а со тоа да бидат енергетски поефикасни.

    Градоначалникот на Општина Брвеница Јовица Илиевски е задоволен од интересот на инвеститорите за изградба на вакви централи.

    „Нашата општина се наоѓа во втора зона по сончеви денови и е во поидеална положба од другите општини бидејќи на висорамнината кај Гургуница има постојано ветар, а тоа, како што велат експертите, им погодува на фотоволтаичните панели. Сега сме во тек на изработка на урбанистички план и наредната фаза ни е на јавно наддавање заинтересираните да го откупат земјиштето. Досега неколку фирми изразија сериозен интерес за откуп на земјиштето. На овој простор може да се изградат фотоволтаични централи со вкупна јачина од околу 200 мегавати. Во Општина Брвеница во близина на село Теново веќе функционира една фотоволтаична централа, која првин работеше со јачина од 10 мегавати, а неодамна го зголеми својот капацитет на 20 мегавати. Постојаниот раст на цената на електричната енергија драстично го зголеми интересот за изградба на вакви централи, но напоредно со тоа се заголеми и цената на земјиштето на кое тие треба да се градат, па ако на почетокот земјиштето се продаваше по едно евро за квадрат, сега цената дојде и до 8 евра за квадрат“, вели градоначалникот Илиевски.

    Со новите законски одредби сега и домаќинствата ќе можат на покривите на куќите да инсталираат фотоволтаични панели со капацитет до 6 киловати и вишоците на електрична енергија да ги продаваат.

    „Во регионот на Тетово со инсталирани фотоволтаични панели со моќност од 1 киловат, може да се добие минимум 1.250 до 1.300 киловат часови годишно. Цените за ваква инсталација сé уште се примамливи и за период од 6 до 7 години можат да го повратат делот на инвестицијата. Ова може да биде перспективна дејност во наредниот период“, вели Дарко Спировски, електроинженер за енергетика.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира