Македонија е на врвот на светски дестинации за параглајдинг, а Крушево со Пелагонија е топ дестинација за натпреварувања во овој адреналински спорт, вели Мартин Јовановски дел од организацијата на Светскиот куп во прелети што минатата недела се одржа во Крушево. Во Македонија се одржа еден од петте светски купови на годишно ново. Учествуваа 132 параглајдеристи од целиот свет кои се натпреваруваа летајќи тури од 100 километри над Пелагонија на висина од 3.000 метри.
„Тоа што овој куп се организира успешно, само ја потврди позицијата на Македонија на топ листата светски дестинации за параглајдинг, а Крушево и Пелагонија за натпреварување. Параглајдингот има три дисциплини, акробатско летање, прецизно слетување и прелети. Купот беше натпреварување во прелети, односно тркање на зададена рута и победува оној кој ќе стигне најбрзо, тоа е најпопуларната параглајдинг дициплина во светот“, рече Јовановски.
Ова беше четврти Светски куп во параглајдинг одржан во Македонија, по оние во 2012, 2014 и 2022 година, а во организацијата учествуваше Параглајдинг клубот „Екстрема“.
„Македонија е светски позната за параглајдинг, луѓето се задоволни од местото, од организацијата и веќе се испланирани светски и европски натпревари доделени за Македонија в година. Во 2026 година организираме јуниорско Светско првенство и сениорско Европско првенство“, додава Јовановски.
Настаните во параглајдерство не само што го живнаа Крушево, туку докажаа дека и Македонија може да биде меѓу најпознатите светски спортски дестинации кога ќе се искористат природните предиспозиции и манифестациите ќе се организираат професионално и посветено.
Ж. ЗДРАВКОВСКА