Почина еден од најголемите заштитници на културното и историско наследство и богатство во битолскиот регион, Ристо Палигора, советник, конзерватор и историчар на уметност, вработен во битолскиот Завод и музеј. Палигора почина ненадејно денес во 57. година од животот, обавувајќи секојдневни обврски. Зад себе остави огромно дело. Скоро и да немаше проект за реставрација и конзервација на ѕидното сликарство и архитектурата на цркви и манастири во Пелагонискиот и Преспанскиот регион во кои не беше вклучен. Беше еден од најголемите истражувачи на историјата на храмовите и делото на зографите. Експерт достапен за медиумите кој јавно зборуваше за проблемите од областа на заштитата на спомениците.
Палигора пред две недели на трибина во Ресен јавно критикуваше за состојбите со „Св. Ѓорги“ во Курбиново, црковен бисер од 12. век. Тој рече дека има застој во работите на терен бидејќи проектот што тие како Музеј го изработиле е доста обемен, но Комисијата за контрола нашла забелешки. Критикуваше и дека не се извојуваат доволно пари за црквата.
Јавноста го памети и како учесник во сложен конзерваторски потфат во кој беше спасено ѕидното сликарство од опожарената црква „Св Петка“ во село Долно Егри, како и фреските и иконите од старата црква „Св. Димитрија“ во село Долно Чарлија во Битолско. Беше спасено целосно ѕидното сликарство над 250 метри квадратни и иконите од иконостасот.
Палигора водеше долгогодишна битка за да се издвојат пари за реставрација на бисерот на сакралната архитектура од 19 век, црквата „Свето Преображение“ во село Гопеш. Ова е најголемиот верски храм изграден во поширокиот Битолски Регион, а фрескоживописот е уникатно дело на мијачкиот зограф Јосиф Радев, ученик на познатиот Дичо Зограф. Храмот имаше големи оштетувања на ѕидовите, куполите и одвојување на фрескоживописот од полукружниот свод.
Беше неуморен чувар на галеријата икони Маловишта, каде има дела од Дичо Зограф, Трпу Зограф, Јован Зоград, Михајло од Самринаи други значајни автори.
Ја користеше секоја можност да алармира за лошата состојба на црковните споменици од 10. до 19. век во Битолско.
„Врз основа на нашите искуства кои ги стекнавме со теренските истражувања кои редовно ги правиме, може да се каже дека состојбата на многу значајни споменици на културата кои се датираат од 10. до 19. век е во алармантно лоша состојба. Постојат селски населби со значајни црковни споменици кои немаат постојано жители, па црквите се изложени на пропаѓање и кражби. Еден голем дел од фрескосликарството и иконописното наследство е посебно загрозено од поради лошите микроклиматски услови во тие објекти“, велеше Палигора.
Беше автор на голем број дела поставени на уникатноста и заштитата на културното наследство, а последната книга ја објави еден месец пред да почини, беше посветена на Влашката црква во Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА