ПОЛИЦИЈАTA ГИ ЗАПРЕЛА ОТИ ЛЕТАЛЕ МОДЕЛИ НА АВИОНИ БЛИЗУ ВИЛАТА НА ИВАНОВ

    ПОЛИЦИЈАTA ГИ ЗАПРЕЛА ОТИ ЛЕТАЛЕ МОДЕЛИ НА АВИОНИ БЛИЗУ ВИЛАТА НА ИВАНОВ„Местото каде што охридските моделари ги изведуваат летовите е јавна површина и тука не може да постои забрана”, вели Ѓорѓи Чачкиров, пилотот кој го изведе првиот лет во независна Македонија. - Модел на авион (Фото: СДК.МК)

    Група моделари од Охрид кои летаа модели на авиони на електричен погон во близина на претседателската вила на ридот Горица беа запрени од полиција викендов. Веднаш по првиот лет, пристигна полициска патрола со возило.
    „Што правите вие овде? Што летате? Овде има објекти од посебно значење. Да не имате монтирано камера?”, беа прашањата на полицаецот кој седеше зад воланот на полициското возило, пренесуваат моделарите кои летаа авио модели над паркингот, изграден пред десеттина години за време на НАТО самитот во Охрид.

    Од СРВ-Охрид велат дека државните објекти кај Горица се под посебен безбедносен надзор. – Еден од моделите на авиони кои ги летаа Охриѓани (Фото: СДК.МК)

    На нивната забелешка дека никаде на паркингот нема забрана за летање на авио модели, полицаецот им одговорил дека е тоа паркинг и ако сакаат да летаат нека одат на аеродром. Потоа им рекол да почекаат, а другиот полицаец преку мобилен, најверојатно, ги проверуваше регистрациите на возилата на моделарите.
    Полицијата не им забрани нови летови на моделарите. Моделите во ниту во еден момент не го надлетаа местото каде што се наоѓа претседателската вила. Летаа на околу еден километар воздушна линија од неа.
    Од СРВ-Охрид кусо ни кажаа дека државните објекти кај Горица, не само претседателската вила, туку и други владини објекти, биле под посебен безбедносен надзор.

    Пилотот Ѓорѓи Чачкиров, кој беше и претседател на тогашниот Воздухопловен сојуз на Македонија и ги подготвуваше сите прописи за летање на нашето небо, вели дека забрана за авио модели нема.
    „Јас не знам дека постои таква забрана. Моделите на електричен погон не подлежат на забрана. Друга работа е со дроновите. Но, се уште не е јасно дали најавените прописи се применуваат. Знам дека е потребна дозвола за летови на дронови над места каде што има многу луѓе,за време на вечерните часови. Местото каде што охридските моделари ги изведуваат летовите е јавна површина и тука не може да постои забрана”, вели Ѓорѓи Чачкиров, пилотот кој го изведе првиот лет во независна Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира