ПОСЛЕДНИОТ ЖИВ БОРЕЦ ОД НОБ НА 95 ГОДИНИ ГО ЧИСТЕШЕ СПОМЕНИКОТ НА ПАДНАТИТЕ ДРУГАРИ ОТИ КАВАДАРЦИ ЗАБОРАВИ

    ПОСЛЕДНИОТ ЖИВ БОРЕЦ ОД НОБ НА 95 ГОДИНИ ГО ЧИСТЕШЕ СПОМЕНИКОТ НА ПАДНАТИТЕ ДРУГАРИ ОТИ КАВАДАРЦИ ЗАБОРАВИВо чистењето на Споменикот на паднатите борци и нивните стрелани родители на 95-годишниот Атанас Наце Златев му помогнаа само неговите пријатели од двете боречки организации, оти никој од Општина Кавадарци не се сетил да исчисти пред одбележувањето на 74-годишнината од жртвата (Фото: СДК.МК)

     

    На 95 години, единствениот преживеан борец од НОБ во Тиквешијата Атанас Наце Златев денеска чистеше околу Споменикот на паднатите борци и нивните стрелани родители, затоа што никој претходно од Општина Кавадарци не се сетил да го стори тоа, макар пред одбележувањето на 74-годишнината од жртвата на храбрите тиквешани.

    „Ја јадам 95-та година од животот. Се разочарав кога видов колку е сето ова зараснато со треви и џбунови околу споменикот. Моите другари партизани и нивните родители не заслужуваат ваков третман“, вели единствениот преживеан борец од НОБ во Тиквешијата Атанас Наце Златев (Фото: СДК.МК)

    „Ја јадам 95-та година од животот. Се разочарав кога видов колку е сето ова зараснато со треви и џбунови околу споменикот. Моите другари партизани и нивните родители не заслужуваат ваков третман. Додуша, можеби и ние од боречката организација можеби имаме малку вина што не ни текна порано да посетиме да се исчисти овде, но годините ми надвиснале, а има млади кои треба да се грижат за придобивките од минатото и да ги негуваат спомениците за значајните настани од историјата“, вели Златев, и додаде дека негрижата се гледа и од вториот објект од споменикот, кој е целиот исчкртан.

    „Имаше на споменикот и голем релјеф од бронза тежок двеста и четириесет килограми. Но исчезна, го украдоа. Како може никој да не ги види тука крадците кога местово е на самиот пат Градско-Прилеп, крај самиот асфалт близу селото Фариш?“, вели Златев (Фото: СДК.МК)

    „Имаше на него и голем релјеф од бронза тежок двеста и четириесет килограми. Но исчезна, го украдоа. Како може никој да не ги види тука крадците кога местово е на самиот пат Градско-Прилеп, крај самиот асфалт близу селото Фариш?“, вечли тој.

    На одбележувањето на годишнината дојдоа само претставници на боречките организации од Кавадарци и Неготино.

    Секретарот на Општинската боречка организација од Неготино Петар Стефанов, ни кажа дека според нивните сознанија, Општината е надлежна за состојбата во која се наоѓаат спомениците кои зборуваат за историјата на еден крај, оти тие се градени со народни пари.

    „Надлежните не само што треба да се грижат за спомениците, туку требаше и малку повеќе да се заангажираат околу тоа кој го украде релјефот од споменикот. Постои огромно разочарување кај нас почитувачите на делото на борците од НОБ. Затоа што некои, за жал, немаат никаква почит кон тоа дело“, вели Стефанов.

    „Не сакаме да веруваме дека уништувањето на одделни споменици и обележја има идеолошка основа. Како инаку да се објасни исчезнувањето на биста на револуционер од НОБ и тоа од двор на јавна институција која има и видеокамера, а истовремено да не биде чепната биста на револуциоенер од пред Илинденскиот период која е во близина? Ние, на пример, го почитуваме делото на сите револуционери, без разлика од кој период во историјата на нашиот народ се тие, но дали истото важи и за другите?“, вели Стефанов.

    Во чистењето на споменикот подигнат во чест  на неговите другари партизани и нивните родители, денеска на Наце му помогнаа само неговите пријатели од двете боречки организации.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира