Проблемите со меѓуетничката поделеност меѓу младите во Тетово е една од темите во првата епизода од ТВ серијалот „Пратеник од доверба“.
„Нема никаков соживот, поделени се кафиќите. Се формира банда врз основа на нација и вера. Има многу млади љубовни врски кои се кријат, Ромео и Јулија се уште се актуелни“, вели Ханис Багашов, средношколец од Тетово и еден од соговорниците во првата епизода.
ТВ серијалот „Пратеник од доверба“ е составен од прилози, снимени во шест града, од шесте изборни единици, Тетово, Куманово, Штип, Битола, Струмица и Охрид, со различни профили на соговорници, поранешни пратеници, граѓански активисти и јавни личности од културниот и спортскиот живот и има за цел да ја едуцира јавноста за значењето на функцијата пратеник и да се обезбеди подобра врска меѓу граѓаните и законодавниот дом и со тоа да се подобри квалитетот на претставничката демократија во Македонија.