СЕ НАДЕВАМ ДЕКА СО НОВИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СКОПЈЕ ЌЕ ИМА ПОРЕДОВНИ АВТОБУСКИ ЛИНИИ ДО КОМПЛЕКСОТ МАКЕДОНСКО СЕЛО, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА СОЗР НА ОТВОРАЊЕТО ПО 7 ГОДИНИ ПАУЗА

    СЕ НАДЕВАМ ДЕКА СО НОВИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СКОПЈЕ ЌЕ ИМА ПОРЕДОВНИ АВТОБУСКИ ЛИНИИ ДО КОМПЛЕКСОТ МАКЕДОНСКО СЕЛО, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА СОЗР НА ОТВОРАЊЕТО ПО 7 ГОДИНИ ПАУЗАКомплексот има 12 двокатни куќи. Секоја од нив претставува различен регион од Македонија. (Фото: Влада на РСМ)

    Од денеска е повторно отворен комплексот Македонско село во Горно Нерези во Скопје, кој за месечна кирија од 3.500 евра го доби фирмата „Ла тераца“ .  Толку плаќаше и претходниот закупец хотел „Квинс“ и „Тинекс“ на ексградоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ, кои во јануари 2016 го добија под концесија од 20 години, но во октомври 2018 престанаа со работа бидејќи, како што соопштија, работеле со загуба и во договорот дека имало таква опција за раскинување.

    На денешното отворање на комплексот, директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Ивица Томовски рече дека има автобуски превоз до таму, но е многу редок.

    „Се надеваме дека со доаѓањето на нов градоначалник ќе има поредовни линии за да може да доаѓаат туристи и граѓаните. Со сегашната градоначалничка  немаме баш некое разбирање за сѐ што значи држава“, рече Томовски.

    Изградбата на Македонско село почна во 2011, во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со премиерот Никола Груевски, а беше официјално пуштено во употреба на 22 јуни 2016. Според официјалните податоци, Владата во изградба на селото вложи 5,2 милиони евра. Дополнителни 1,3 милиони евра беа потрошени за внатрешно уредување. Трите електромобили набавени за пренесување на куферите на гостите во селото чинеа 24.000 евра, 4.200 евра чинеа патоказите и ознаките за комплексот, а 2.700 евра чинеа клупите и корпите за отпадоци.

    Комплескот има 12 двокатни куќи. Секоја од нив претставува различен регион од Македонија. На долниот кат од куќите, според проектот, треба да се претстават различните занаети карактеристични за регионите, а горните катови да функционираат како хотел.

    „Ги повикувам сите оние кои што не го посетиле Македонско село, да дојдат во посета, да уживаат овде, во тоа што го нуди овој објект. И се разбира, во периодот кој што следи, да се погрижиме сето она кое што за жал изминативе седум години беше заборавено, уништено, девастирано, полека, но сигурно го обновуваме и повторно му го враќаме сјајот и го ставаме во функција, едно по едно, во зависност од приоритетите и можностите. Ова е многу важно. Туризмот, како што знаете, веќе го коментиравме на почетокот на годината, бележи вонредни резултати. Кај странските гости имаме посебно голем раст, повеќе од 20% споредено со истиот период од минатата година“, рече премиерот Христијан Мицкоски на денешното отворање.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира