СЕДУМЧЛЕНО СЕМЕЈСТВО ВО ПЕЛИНЦЕ ЖИВЕЕ СЕДУМ ГОДИНИ БЕЗ СТРУЈА ПОРАДИ НАСЛЕДЕН ДОЛГ ОД 35.000 ДЕНАРИ

Седумчленото семејство Трајковски од селото Пелинце, општина Старо Нагоричане, новогодишните празници ќе ги помина на празна трпеза, поради тешката финансиска состојба во која се наоѓаат. Новата година ќе ја пречекаат на една сијалица, бидејќи струјата им е исклучена веќе 7 години, поради наследен долг на луѓето кои пред нив живееле во куќата

СЕДУМЧЛЕНО СЕМЕЈСТВО ВО ПЕЛИНЦЕ ЖИВЕЕ СЕДУМ ГОДИНИ БЕЗ СТРУЈА ПОРАДИ НАСЛЕДЕН ДОЛГ ОД 35.000 ДЕНАРИСемејството апелира до институциите и хуманите граѓани да им помогнат со градежен материјал за да ја поправат куќата и да изградат бања. И секоја друга помош во храна, мебел, електрични апарати и постелнина ќе биде добредојдена за нив. (Фото: СДК.МК)

Без елка и лампиони ќе поминат новогодишните празници на пет дечиња од селото Пелинце, затоа што нивните родители не се во можност да им ги купат. И оваа година Милан (11), Тијана (10), Иван (5), Луна (3) и осуммесечната Мелани, Новата година ќе ја пречекаат во мрак, а имаат безброј детски соништа и желби кои се недостижни за нив. Нивните родители Драган (35) и Моника (28), не се вработени, живеат од социјална помош која не е доволна да ги покрие ни основните животни трошоци, а не да остане за подготовка за празниците.

„Живееме со 7.000 денари. Не стигаат ни до пола месец да истераме. Ќе купиме брашно, зејтин и тоа што е најнеопходно, а другото чекаме за наредниот месец или ако сопругот поработи некаде. Двете деца одат во школо, треба пари за тетратки, прибор и облека. Не земаат ни кифли, си носат од дома или некогаш им даваме пари да си купат нешто во продавницата. Марко има проблем со очите, бевме на лекар и треба да носи очила ама немаме пари да ги купиме. Сите се подготвуваат за празници, а ние немаме со што. Немаме елка ниту лампиони, децата гледаат на телевизија и се радуваат дека еден ден ќе имаат и тие. Се надеваат дека ќе дојде Дедо Мраз низ оџакот и ќе им остави подароци под перница“, вели мајката Моника.

Седумчленото семејство Трајковски живее во трошна куќа од педесетина квадрати. (Фото: СДК.МК)

Двете најстари деца се од првиот брак на Моника и одат на училиште. Марко во шесто одделение во училиштето во Драгоманце, а Тијана во петто одделение во училиштето „Христијан Тодоровски – Карпош“ во Пелинце. Додека бевме во нивниот дом таа се врати од училиште. Наместо во топли чизмички на влажно и студено време носеше кломпи. Ни рече дека не и е ладно, училиштето не и е далеку од дома па оди и се враќа пеш, па не и смета што обувките не и одговараат на временските прилики. Вели дека има патики, но сака да има нови чизмички кога ќе падне снег, но не знае дали нејзините родители ќе имаат пари да и купат.

„Сакам Дедо Мраз да ми донесе нови чизмички, пакетче, компјутер и телефон, затоа што немам“, ни рече срамежливото девојчето, кое е многу добра ученичка.

Седумчленото семејство Трајковски живее во трошна куќа од педесетина квадрати. Со оскуден мебел и без бања, услови недостојни за човек и за животот во 21. век. Струјата им е исклучена пред 7 години, поради наследен долг од 35.000 денари. Немаат пари да го платат, па земаат од соседите за едно сијалично место и приклучок за телевизор и фрижидер. Имаат вода од селскиот водовод, но немаат бања.

„Се доселивме овде откако починаа родителите на жена ми и го наследивме долгот за струја кој не можеме да го платиме. Куќата е стара. Кровот протекува, а еден од ѕидовите попуштил и може да падне. Немаме купатило. Се капеме во корито. Ќе стоплиме вода и тука во собата покрај шпоретот. Живееме тешко. Децата не се гладни имаме за храна, а за другото колку ќе стигнеме. Фала богу сите се здрави и послушни. Јас немам школо, само четврто одделение и немам работа. Жената се грижи за децата. Летоска е полесно, поработувам кај луѓе низ селото и земам по некој денар повеќе, но во зима е полошо“, додава Драган.

Од соседите земаат струја за едно сијалично место и приклучок за телевизор и фрижидер. Имаат вода од селскиот водовод, но немаат бања. (Фото: СДК.МК)

Во мрачната соба, стариот и истрошен мебел одамна ја завршил својата функција. Во домот нема ни електрични апарати, но сепак најмногу им недостасува електричен шпорет, бидејќи и преку лето мораат да палат огин за да испечат леб и да зготват храна за децата.

Секој нов ден на ова семејство носи нова неизвесност, како ќе преживеат и ќе ги изведат децата на прав пат. Се трудат и работата колку можат но животот во селата е суров, а работа тешко се наоѓа.

Семејството апелира до институциите и хуманите граѓани да им помогнат со градежен материјал за да ја поправат куќата и да изградат бања. И секоја друга помош во храна, мебел, електрични апарати и постелнина ќе биде добредојдена за нив.

Пред новогодишните празници семејството го посети градоначалничката на Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска и Црвен крст, им однесоа прехранбени и хигиенски пакети, облека, новогодишни пакетчиња и играчки. Радоста и возбудата на дечињата немаше крај.

С. НИКОЛИЌ


Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира