Стотина жители од тетовското село Шемшово, од маалото на излезот кон Јегуновце, повеќе години имаат проблем со нискиот напон на струјата. Праќале барања, писма, молби, петиции до ЕВН, до Регулаторната комисија за енергетика, се обраќале и до Народниот правобранител па и до дирекцијата на ЕВН во Австрија, но сето тоа било безуспешно. Добивале само ветувања, но не и квалитетен напон на електричната мрежа во нивното маало.
„Ние бараме само ЕВН да ни обезбеди квалитетен напон на електричната мрежа според законските прописи. Само тоа и ништо друго“, вели Џемал Асипи, наставник во пензија и поранешен директор на училиштето во Шемшово, кој во името на жителите од неговото маало ја води битката со ЕВН.
„Нашите проблеми со нискиот напон започнуваат уште од пред дваесетина години. Во 2002 ЕВН постави електричен кабел со кој донекаде беше решен проблемот, но веќе од 2012 проблемот стана драстичен. Во нашето маало се изградија нови куќи, се зголеми бројот на жителите, а со тоа се зголеми и потрошувачката на електрична енергија, па почна да опаѓа напонот “, вели Џемал. “Уште од тогаш почнавме да праќаме молби и барања до ЕВН, односно до нивниот Кориснички енергоцентар во Тетово да ни обезбеди квалитетен напон на мрежата. Добивавме само ветувања, но не и решение на проблемот“.
Џемал, во имeто на жителите од неговото маало, во мај 2014 испратил преставка и до Регулаторната комисија за енергетика и побарал да се реши нивниот проблем. Регулаторната комисија барањето го препратила до Државниот инспекторат за техничка инспекција. Бидејќи во законскиот рок не бил добиен одговор од Државниот инспекторат, Џемал во јуни 2014, побарал правна помош до Народниот правобранител. Од канцеларијата на Народниот правобранител веднаш се обратиле до ЕВН Македонија и до Државниот инспекторат за техничка инспекција. Набрзо по оваа интервенција на Народниот правобранител, Џемал добил одговор од ЕВН во кој стоело дека станува збор за обемен предмет за кој било потребно да се изврши детална контрола на нисконапонската мрежа. Еден месец подоцна, ЕВН писмено известува дека ја извршиле контролата и снимањето на теренот, дека веќе бил изработен инвестициски план со кој во целост ќе се надминел проблемот и, како што стоело во информацијата, реализацијата на инвестициската програма требала да започнела во втората половина на јули 2014.
„Доаѓаа екипи на ЕВН гледаа, мереа, премеруваа и решија да постават нов напонски кабел. Кабелот го поставија есента 2014. Ние, иако неуки во нивната работа, уште тогаш им велевме дека со промена на напонскиот кабел нема да ни го решат проблемот, туку дека треба да се постави столбен трансформатор. Нé убедуваа дека новиот е добро решение, иако го носеа дури 1.800 метри од најблискиот трансформатор. Се покажа дека ние бевме во право. ЕВН потроши неколку илјади евра за кабелот, а ние и понатаму немаме квалитетен напон. Велеа дека не можеле да постават столбен трансформатор бидејќи бандерата на која баравме да биде поставен трансформаторот била на земјиште на Република Македонија, а процедурата за добивање дозвола била многу долга и сложена. Ние и овој проблем го решивме. На ЕВН ѝ доставивме согласност, заверена на нотар, дека еден сосед го остапува своето земјиште покрај патот за тука да се постави столб и трансформатор. Но ни тоа не помогна, ЕВН и понатаму не сакаше да ни постави трансформатор“, вели Џемал.
Битката на Џемал и неговите соселани продолжила и понатаму. Повторно испраќа писма и барања до ЕВН. Се обратил и до дирекцијата на ЕВН во Австрија, од каде исто така добил одговор дека нивниот проблем ќе биде адекватно решен.
„Овие од КЕЦ Тетово повторно неколку пати доаѓаа мереа, проверуваа, но никогаш не ни дадоа информација до какви податоци добиле од мерењето на напонската мрежа. И уште нешто, тие секогаш доаѓаа претпладне кога во маалото има малку луѓе по куќите, бидејќи поголемиот дел се на поле или на работа. Најголемите проблеми со електричната енергија кај нас настануваат после 17 часот, кога луѓето ќе дојдат во своите домови и кога се вклучуваат поголем број електрични апарати. Според мерењата кои ние самите ги направивме со мерни инструменти, наместо 220-240 вати ние на нашата електрична мрежа имаме надон од 150 до 160 вати. И сега, кој електричен апарат може да работи на толку низок напон а да се се расипе?“, се прашува Џемал.
Од ЕВН на Македонија повторно најавуваат дека проблемот на жителите од ова маало во Шемшово набрзо ќе биде решен.
„Планирањето на овој проект е во завршна фаза, а проблемот за негово побрзо решавање беше во тоа што немаше маркица за градење енергетски објект. Сега ЕВН има проектирано ново техничко решение, со кое ќе се задоволат потребите на жителите. Имаме начелно договорена траса и постојано сме во контакт и со Општината и со жителите. Решението е готово и се прават последните усогласувања пред да почне да се реализира на терен. Ако сѐ биде според планираното, очекуваме до почеток на јуни оваа година, ако тоа го дозволат и временските услови, оваа активност да биде целосно завршена. Со ова, жителите на Шемшово ќе добијат квалитетна електрична енергија“, ни рече Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН Македонија.
Џемал вели дека со исти проблем се среќаваат и жителите на маалото во Шемшово кое е на излезот кон селото Жилче.
„Ние сме упорни и решени да истраеме, но се прашуваме уште колку треба да чекаме, уште колку зими треба да поминат за да го добиеме она што ЕВН требаше да го направи уште пред петнаесетина години“, вели Џемал Асипи.
З. АНДОНОВ