Поројни дождови во дебарскиот крај вчера предизвикаа големи проблеми и штети во реонот на селото Долно Косоврасти, каде што од планина се спушти огромен нанос од земја, кал и камења и како што велат локалните власти, само поради голема среќа нема човечки жртви. Патот што води кон Горно Косоврасти и Дебарски Бањи сѐ уште не е целосно прооден откако беше блокиран од вода, кал и откорнати дрвја и грмушки. Од месната заедница Долно Косоврасти велат дека тоа е последица на проблемот на кој укажуваат веќе неколку години.
„Уште се соземаме од тоа што се случи вчера. При силен пороен дожд, низ суводолица се спушти огромно количество камења, кал и земја, можеби околу 500 кубни метри, но покрај природниот фактор, тука голема улога игра и човечкиот. Тука има две каскади изградени пред 30-40 години, кои не се чистат и преполни се со материјал“, вели претседателот на МЗ Долно Косоврасти, Аседин Мустафоски.
Друг, еднакво сериозен проблем е што на патот не е изграден мост, туку само пропуст со бетонска цевка која нема капацитет да прифати вака голем нанос.
„При секој нанос, цевката се затнува уште со првиот поголем камен и доаѓа до прелевање на патот. За среќа, вчера во тој момент немало луѓе на патот и само едно возило беше заглавено. Покрај тоа што Општина Дебар не презема ништо по ова прашање, виновник е и Дебарски Бањи за направениот несоодветен мал пропуст под патот“, вели Мустафоски, додавајќи дека била спречена уште поголема катастрофа откако пред само четири дена сами се ангажирале и ги тргнале остатоците од големиот нанос од 2021.
Тој нагласува дека е неопходно да се изгради мост на патот, а ако властите и натаму го игнорираат тоа, спремни се и да протестираат.
Г. КОНЕВ