СИТЕ КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ЈАВНО ДА ВЕТАТ ДЕКА ИТНО ЌЕ ЈА РЕШАТ ЕКО-БОМБАТА СО ДИВАТА ДЕПОНИЈА „ВАРДАРИШТЕ“, ПОВИКА ИНИЦИЈАТИВАТА О2

    СИТЕ КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ЈАВНО ДА ВЕТАТ ДЕКА ИТНО ЌЕ ЈА РЕШАТ ЕКО-БОМБАТА СО ДИВАТА ДЕПОНИЈА „ВАРДАРИШТЕ“, ПОВИКА ИНИЦИЈАТИВАТА О2Додека проектите не се готови, најитно да се изврши запечатување, оградување, осветлување, 24-часовна чуварска служба и видео надзор на „Вардариште“, бара граанската иницијатива. (Фото: СДК.МК)

    Граѓанската Иницијатива O2 ги повика сите кандидати за градоначалници јавно да ветат дека итно ќе ја решат еко-бомбата со дивата депонија „Вардариште“ во Скопје. Депонијата гореше во неделата, а со денови смрди од големиот пожар, во чие гасење учествуваа 5 противпожарни возила. Од вчера, жителите на Аеродром секој ден во 18 часот ќе ја блокираат раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“ дури не се реши проблемот.

    „’Вардариште’ не може да чека! Апелот е до сите кандидати за градоначалници и советници – во Град Скопје, Општина Аеродром и Општина Гази Баба: Јавно и гласно обврзете се дека ќе ја решите оваа еколошка бомба! Ова не е борба за функција – ова е борба за живот и здравје!“, велат од О2.

    Од О2 велат дека за да се започне со санација на „Вардариште“, потребно е да се донесат преостанатите два ДУП за Вардариште, за градска четврт СИ 09, блок 2 и блок 3, од Општина Гази Баба. Само тогаш ќе може да се изработи основен и изведбен проект за санација на „Вардариште“. Овие два ДУПа се ставени дури во февруари годинава во Годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови за 2025 година на Владата. Изработката ја врши Агенцијата за планирање на просторот.

    „Сиве изминати години, децении, Општина Гази Баба го кочеше процесот со неносење на ДУП за „Вардариште“, иако се крајно едноставни и лесни за изработка. Сега ќе чекаме Агенцијата да ги изработи, па потоа да се изгласаат од Советот на Гази Баба“, велат од О2.

    Иницијативата потсетува дека за „Вардариште“ има изработена физибилити студија за санација од 2014, а останува да се види дали е потребна нова или ќе може оваа да се користи, останува да се види. Со физибилити студијата таму се предвидени голф терени, парк, расади со рози…

    Според изготвените документи од 2016 за Регионалниот план за управување на отпад – Скопски Регион, „Вардариште“ е планирано да биде претоварна станица каде ќе се носи отпадот од Гази Баба, Арачиново, Петровец и Илинден, па потоа од таму во Дрисла. Во исто време, општините Аеродром, Кисела Вода, Центар, Чаир и други општини ќе го носат својот отпад директно до Дрисла. Според Правилникот за претоварните станици и условите што треба да ги исполнуваат локациите од 2007, претоварна станица мора да има:
    систем за собирање и отстранување на исцедокот од отпадот, вклучително и отпадната вода создадена при вообичаените операции на миење и чистење на опремата, возилата и површините; уреди за мерење на количината на отпад; ограда и други безбедносни системи; подлога на површината на која се чува отпадот, соодветно изработена; обезбедена заштита на отпадот од атмосферски влијанија како и садови за складирање со дополнителна заштита; сите видови отпад во претоварните станици треба да се чуваат најмногу 48 часови сметано од часот на прифаќање на отпадот.

    „Локацијата на која се градат, односно поставуваат претоварните станици не смее да се со ризик за лесно поплавување или места заштитени од можни поплави. ‘Вардариште’ задоволува вакви услови за да биде претоварна станица, но се користи како таква со години од страна на ЈП Комунална Хигиена. И никој ништо не реагира. Дополнително, ‘Вардариште’ е лоцирана до Вардар, река која може да се излие и да поплави. Санацијата и рехабилитацијата на ‘Варадариште’ ќе чини барем 40 милиони евра и ќе трае барем неколку години, ако не и повеќе. Сите постапки бараат време. Но она што може и треба брзо да се направи, е истото што требаше пред години, а тоа е да престане да се користи како претоварна станица од страна на ЈП Комунална Хигиена, да се затвори и огради, осветли, постави 24 часовен видеонадзор и чуварска служба. Па нека течат постапките потоа за носење на ДУПови, изработка на проектна документација, санација и рехабилитација на оваа црна точка во градов“, велат од Иницијативата О2.

    Од Иницијативата бараат итна изработка и активирање на проектна документација за санација и ревитализација на Вардариште. За тоа е потребно Општина Гази Баба итно да ги изработи и донесе двата Детални урбанистички планови (ДУП) за ‘Вардариште’. Додека проектите не се готови, најитно да се изврши запечатување, оградување, осветлување, 24-часовна чуварска служба и видео надзор. Транспарентно да се известува за секој чекор, со прецизни рокови и конкретни активности за санација и ревитализација.

    Жители на Аеродром кои протестираат бараат решение веднаш и велат дека не ги интересира што доаѓаат избори.

    За време на последниот пожар во „Вардариште“, чии последици уште се чувствуваат низ неколку скопски општини, од безбедносни причини исклучени беа далекуводите што ги напојуваат со електрична енергија населбите Аеродром и Лисиче и пет часа немааше струја.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира