СО ЕВРОПСКИ ПАРИ ВО ГРАДОШОРЦИ ЌЕ СЕ НАПРАВИ СПОМЕН-СОБА ЗА МИС СТОН

    СО ЕВРОПСКИ ПАРИ ВО ГРАДОШОРЦИ ЌЕ СЕ НАПРАВИ СПОМЕН-СОБА ЗА МИС СТОНСпомен-собата со сите пишани материјали за аферата „Мис Стон“ треба да биде во Домот на културата во Градашорци за што Општина Василево доби пари од ЕУ од Програмата за прекугранична соработка со Бугарија. (Фото: СДК.МК)

    Американската мисионерка Елен Стон, која беше киднапирана од четата на Јане Сандански и Христо Чернопеев во 1901 и остана позната како Мис Стон, ќе добие Спомен-соба со музејска збирка во Градашорци, Општина Василево. Токму во ова место по шестмесечна голгота, мисионерката од САД беше предадена на преставниците на Протестантската црква откако бил платен откуп од неколку илјади турски лири за Македонската револуционерна организација.

    Примопредавањето на Мис Стон и нејзината пријателка Катерина Цилка, која се породи додека беа со комитската чета, се случило во селската црква „Свети Никола“ откако неколку дена мисионерката престојувала во селото Нивичино исто така во оваа општина, а била чувана од четата на Атанас Нивичански-Брадата.

    Спомен-собата со сите пишани материјали за аферата „Мис Стон“ треба да биде во Домот на културата во Градашорци за што Општина Василево доби пари од ЕУ, од Програмата за прекугранична соработка со  Бугарија за реализација на проект за развој на еко-туризмот во Општините Василево и Кресна во Бугарија. Овие две Општини ги поврзува токму Мис Стон која била грабната на Пирин Планина, сегашна општина Кресна во Бугарија, а била ослободена во Градашорци откако престојувала на повеќе места во Малешевијата.

    Војводата Атанас Нивичански-Брадата ја симнал Мис Стон до селото Градашорци.  (Фото: СДК.МК)

    „Проектот на македонска страна предвидува темелна реконструкција на Домот на културата во Градашоци кој ќе биде енергетско независен, а каде планираме да отвориме туристички информативен центар за промоција на туристичките можности на регионот, мултифункционална сала за одржување културни настани, како и отворање на музејска збирка односно спомен-соба посветена на Мис Стон и нејзиниот престој во прекуграничниот регион во 1901 година“, кажа градоначалникот на Василево, Славе Андонов.

    Со проектот домот ќе добие нов кров, нова фасада, фотоволтаици и ќе биде хортикултурно уреден. Ќе биде набавена и поставена аудио и техничка опрема во домот како и велосипеди кои ќе се користат како алтернативно превозно средство до туристичките локалитети.

    Целиот проект насловен„Интеграција на креативен, дигитален, зелен и еко туризам за одржлив развој на територии и заедници во Кресна, Струмјани и Василево“ чини околу 960.000 евра, од кои за партнерите од македонска страна се предвидени околу 345.000 евра.

    Од овие пари, освен реконструкција на Домот на културата каде ќе има спомен-соба и туристички информативен центар, се планира и реализација и промоција на нова туристичка дестинација во Општина Василево. Станува збор за пешачко-велосипедска рута насловена „По стапките на Мис Стон“ која треба да биде туристичка атракција со презентација на животниот стил, културата и природно-историските каректеристики на регионот.

    Целиот проект треба да се реализира во рок од две години, а веќе наесен би требало да се реализира првата рута „По стапките на Мис Стон“ со промотивни виртуелни видеа за потенцијалот на Василево.

    Во Општина Кресна ќе се реконстурира поранешниот пионерски дом на планината Пирин во еко-центарот „Синаница“ каде ќе се дружат младите од Македонија и Бугарија преку кампови насловени „Пријателите на Пирин“.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира