Заради реконструкција на градскиот зелен пазар во Валандово, општината одлучи зелениот пазар времено да го дислоцира во дворот на основното училиште „Јосип Броз Тито“ каде се одржува редовна настава. Во кругот на училиштето од вчера се поставени околу 30-тина тезги каде од денеска пак и официјално почна продажбата на разновиден зеленчук и сувенири. Валандовчани беа изненадени од потегот на локалната власт и се чудеа како може училишен двор да се пренамени во пазар за најмалку четири месеци колку што е планирана реконструкција на официјалниот градски пазар.
,,Не знаеме кој дал согласност од училиштето и кој орган донел ваква одлука, но ова е срамота. Среде училишен двор да има пазар и тоа за време на редовна настава. Каде ќе ни одат учениците за време на одморите. Сето тоа пречи за нормално функционирање на наствата“, револтирано коментираа валандовчани.
Реагираа и валандовските социјалдеморкати кои побараа од општината да го отстрани пазарот од дворот на училиштето Јосип Броз Тито.
„Бараме од градоначалникот на општина Валандово Николче Чурлиновски веднаш да се откаже од апсурдната идеја за привремена дислокација на градскиот пазар во дворот на основно училиште и веднаш да се пронајде соодветна локација за функционирање на градскиот пазар. Валандово такви локации има многу“, истакна Перо Костадинов советник на СДСМ
Од општината не успеавме да добиеме одговор кој донел одлука за дислокација на зелениот пазар во училишен двор, бидејки градоначалникот Николче Чурлиновски бил на седница на Совет.