ВО ШТИП ЧЕТИРИ ГОДИНИ СЕ ПОЛОЖУВА ЦВЕЌЕ ПРЕД ИСКРШЕНИТЕ БИСТИ НА ПРВОБОРЦИТЕ, ОПШТИНАТА ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ГИ САНИРА

    ВО ШТИП ЧЕТИРИ ГОДИНИ СЕ ПОЛОЖУВА ЦВЕЌЕ ПРЕД ИСКРШЕНИТЕ БИСТИ НА ПРВОБОРЦИТЕ, ОПШТИНАТА ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ГИ САНИРАБистата на Доганџиски во центарот на градот веќе пет години стои обезглавена (Фото: СДК.МК)

    Четврти пат, денот на загинувањето на штипските првоборци Васил Доганџиски и Јаким Стојков се одбележа со положување свежо цвеќе пред осквернавените спомен-бисти. Главата на бистата на Доганџиски, која се наоѓа во центарот на градот, ја нема веќе петта година, а оштетен е горниот дел од бистата на Стојков. И двете бисти се поставени меѓу училиштата кои ги носат имињата на народните херои Ванчо Прќе и Славчо Стојменски.

    „На барање на Сојузот на борците, Општината изготви проект за санација на сите оштетени спомен-обележја. Станува збор за над 50 споменици и спомен-обележја на паднатите борци или значајни настани од нашата историја. Вредноста на оваа санација се проценува на околу три милиони денари. Проектот е доставен до Министерството за култура и информирани сме дека ќе бидат поддржани градовите кои веќе имаат вакви изготвени проекти“, изјави в. д. градоначалникот на Штип, Јане Миланов.

    На настанот зборуваше претставникот на Боречката организација, Перо Мицевски.

    „Васил Доганџиски и Јаким Стојков загинаа на планината Плачковица, каде што беше формиран Првиот плачковички партизански одред. Тогашната бугарска полиција, која била стационирана во Радовиш, ја открила локацијата на одредот и во декември 1942 од заседа го нападнала. Притоа загинале Доганџиски и Стојков, додека Ванчо Китанов успеал да се пробие кон Виница, а херојот од Струмица Герас Цунев кон Радовиш. Но, веднаш потоа бил фатен и однесен во затвор во Скопје. По мачењето, откако никого не предал, Цунев бил фрлен од прозорец, а било прикажано дека се самоубил“, рече Мицевски.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира