Во Штип се регистрирани седум нови случаи на коронавирус, па сега вкупната бројка изнесува 67. Најновото жариште, со повеќе од 20 заразени, е една текстилна фабрика. На 50 текстилни работници во Штип им е наложено да одат во самоизолација поради тоа што имале контакт со заразените текстилни работнички.
„Ако за време на двонеделната самоизолација им се јават симптоми на КОВИД-19, веднаш треба да се јават на преглед во Инфективното одделение“, се вели во соопштението на Центарот за јавно здравје.
Текстилната фабрика веќе една недела е затворена и за тоа време, според налогот на Општинскиот кризен штаб, била извршена комплетна дезинфекција на халите и на автобусите со кои се превезувале заразените работници.
Епидемиолозите очекуваат граѓаните да бидат свесни дека само со почитување на мерките можат да си помогнат на самите себе, но и на своите блиски.
„Во Инфективното одделение во Штип моментално се хоспитализирани 12 лица, сите од Штип. Кај 11 пациенти веќе е утврден КОВИД-19, а за еден сомнителен случај се чекаат резултатите од тестот“, информираат од Клиничката болница во Штип.
Т. ЈОВАНОВСКИ