Во скопската Зоолошка градина вчера се заклани 10 коњи, а месото од нив ќе се користи како храна за животните. Директорот на Зоолошката градина Кристијан Стаменов, за САКАМДАКАЖАМ.МК објаснува дека станува збор за животни кои ги добиле од Агенцијата за запленет имот, при акции за фаќање дрвокрадци и шверцери.
Добиле 16 коњи, а 10 од нив биле болни и затоа е решено тие да бидат заклани. Постапката, вели тој, е согласно законите и правилата за третман на животни, а известена е и Агенцијата за храна и ветеринарство.
„Како институција имаме можност за економско искористување на животни. Станува збор за тешка постапка, јас што со години работам со животни во Зоолошката градина најдобро знам колку е тешко да се направи, но друго немаше што да се прави бидејќи беа болни. Коњите ги прегледаа стручни лица и заклучија дека се болни, имаа отворени рани, скршеници, како и карцином. Во таква состојба, за жал, нема што друго да се направи“, вели Стаменов.
Останатите 6 коњи кои Зоолошката ги добила од Агенцијата во моментов се на лекување и се прават сите потребни испитувања за да можат да се чуваат во Зоолошката градина.
А. АНТЕВСКА