ВО СТРУМИЦА 4 МЕСЕЦИ НЕ СЕ ПОЛАГА ЗА ВОЗАЧКА ДОЗВОЛА

    ВО СТРУМИЦА 4 МЕСЕЦИ НЕ СЕ ПОЛАГА ЗА ВОЗАЧКА ДОЗВОЛАВо испитниот центар „Ас Струмекс“ од 1 декември не се полага возачкиот испит и кандидатите од Струмица, Радовиш, Валандово и Гевгелија велат дека предолго чекаат термини за полагање на завршниот испит. (Фото: СДК.МК)

    Над 500 кандидати од југоисточна Македонија не можат да добијат возачка дозвола оти во испитниот центар ,,Ас Струмекс“ во Струмица од 1 декември минатата година не се полага возачки испит. Кандидатите кои ја завршиле обуката низ автошколите од Струмица, Радовиш, Валандово и Гевгелија велат дека предолго чекаат термини за полагање на завршниот испит кој се состои од познавање на наставната програма за сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) и за управување со моторно возило (практичен дел). Се обраќале во испитниот центар кој го опслужува цел југоисток, но конкретна информација кога ќе има полагање за возачка не добивале.

    „Во ноември, 2017 завршив со обуката, за да на почетокот на декември ме известат дека Испитниот Центар во Струмица нема да работел одредено време зошто немале лиценци, па не смееле да спроведат испити за возачка дозвола. Сега сме крај на март 2018. Не само на мене туку и на други стотици кандидати ни е одземено правото да полагаме испит за возачка дозвола. Во Испитниот Центар креваат рамења и не знаат кога точно ќе има полагање за возачка“, вели Мери Костуранова, револтирана што губи време, а требало да положи за вработување.

    Од Испитниот центар потврдија дека времено, не вршат теоретско и практично испитување на кандидатите за возачка, бидејќи членовите на испитната комисија немале лиценци согласно Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, чии измени стапиле на сила од 30 ноември минатата година. Од Центарот се надеваат дека спорните одредби на законот ќе бидат повлечени или одложени за да се откочи целата постапка, бидејќи на последната владина седница било расправано за овој проблем.

    Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата од 2015 година, чии што одредби стапија на сила од декември минатата година предвидува раководителите на испитите центри, контролорите, претседателите и членовите на испитните комисии да имаат лиценци за што треба да полагаат стручни испити пред посебна комисија при МВР. Од министерството информираа дека со решение на министерот била формирана комисијата, но се работело на формирање база на прашања за стручниот испит.

    „Со решение на министерот, формирана е комисија која има задача да спроведе постапка за спроведување на стручен испит на електронски начин за испитувачи. Во МВР се води постапка за избор на стручни лица – двајца универзитетски професори кои заедно со претставници на Министерството за внатрешни работи треба да изготват база на прашања за спроведување на стручниот испит“, информираа од МВР без да конкретизираат рокови кога испитувачите од испитните центри може да го полагаат стручниот испит.

    Од МВР потврдија дека при извршените контроли на работата на испитните центри констатирале дека стручниот кадар немал соодветни лиценци кои требало тие да ги издадат.

    За разлика од Струмица, во останатите испитни центри во Македонија се врши полагање за возачки испит. На нивните официјални веб страни има известувања за објавени термини за полагање ова година но и резултати за положен возачки испит. Со дел што контактиравме, признаа дека немаат лиценцирани испитувачи како што бара законот, бидејќи МВР нема спроведено електронско полагање на стручниот испит на нивниот стручен кадар кој е заинтересиран да полага.

    Испитните центри бараат промена на актуелното законско решение или времено одлагање на одредбите кои налагаат нивниот стручен кадар да имаат лиценци врз основа на положен стручен испит.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира