Во Велес се извршува прва дератизација и прво ларвицидно теренско третирање од земја против ларви од комарци. Станува збот за општи мерки за заштита на населението од заразни болести, кои ги извршува операторот „Лиса-ком“ МС ДООЕЛ Кавадарци, што ја дои работата по спроведена постапка.
„Од 7 април, под надзор од стручно лице од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Велес започна спроведувањето на пролетната дератизација на јавни површини и јавни објекти кои се во надлежност на Општина Велес. Следните неколку дена ќе биде опфатена површина од 150.000 м2, односно сите јавни површини во градот, како и двата брега на реката Вардар, од Башино Село до компанијата ‘Агриа’. Теренското третирање од земја против ларви од комарци опфаќа територија од 7 хектари покрај вода и водни површини кои се мапирани како лежишта на комарци, а посебно внимание ќе се посвети на површините со неистечена вода каде комарците имаат идеални услови за размножување“, велат од Општина Велес.
Прскањето против ларви од комарци по земја се врши на подрачјето на крајбрежјето на Езерото Младост, Езерото Јарбош, Градски и Младински парк, Градскиот стадион, по течението на реката Вардар низ Велес, реонот на Дервенски Поток и градските фонтани.
Од локалната власт велат дека препаратот кој се користи за дератизацијата е селективен, од сертифициран производител и ја третира популацијата на глодарите, има одобрение од Министерство за здравство за употреба во јавната хигиена и не преставува опасност за останатиот животински свет. Третманот со кој се врши дератизација е со биолошки препарат „Биопрен“, се наоѓа на листата на биоцидни производи на Министерството за здравство и се применува насочено само за комарци и ларви кои летаат на области кои се претходно одредени, се положува во застоени водени површини. Препаратот не е штетен за луѓето, пчелите, ниту за домашните миленици.
На есен ќе има втора дератизација и второ ларвицидно теренско третирање од земја. Од крајот на мај, во три наврати ќе се врши и авионско третирање од воздух против комарци.
П. ПЕЧКОВ



