Клучната улога на фармацевтот во изборот меѓу традиционалната и иновативната терапија беше централна тема на вториот меѓународен симпозиум по фармација што се одржа во Штип. Настанот беше организиран во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на фармацевтите.
Професорката Катерина Смилков, главен организатор на симпозиумот, рече дека настанот се води од постулатот „Помисли здравје – помисли фармацевт“, со цел да се нагласи дека граѓаните треба да им веруваат на фармацевтите.
На симпозиумот учествуваа професори по здравство и фармација, како и стручњаци од фармацевтски компании од регионот, кои ги презентираа своите научни трудови за подобрување на здравјето на луѓето преку правилен избор на терапија.
Професорката Албена Т. Динкова-Костова од Универзитетот Данди во Шкотска кажа дека секој поединец мора да научи кои молекули се важни за неговиот организам, особено во модерното време кое изобилува со стрес.
„Секој мора да научи кои молекули се важни за ослободување од стресот, кој е сѐ почест, особено кај младите. Здравата исхрана е еден од најважните фактори. Кај младите, најнова раширена појава што предизвикува стрес е нивната експонираност на социјалните медиуми“, рече Динкова-Костова.
На собирот се дискутираше и за онлајн набавката на медицинска терапија, при што експертите рекоа дека потеклото на лековите мора внимателно да се проверува пред да се нарачаат.
Т. ЈОВАНОВСКИ