2 МАРТ
Филе си замина, ние останавме
А сé почна така наивно на 24 декември минатата година, со едно пристојно замолување на опозицијата и на новинарите да го напуштат Собранието за да може да се донесе буџетот и реформите да продолжат. Оттогаш секој ден нé измачуваш е мислата дали денеска Никола ќе попушти и дали Бранко ќе оди на избори. Се будевме мислејќи на Бранко, а заспивавме сонувајќи го Никола. Некои од нас дури и не спиеја. Среде ноќ стануваа да видат што одлучиле централните комитети. Згора на тоа, и Филе сериозно се исфрустрира. Толку многу, што едно време се закани дека нема да дојде. Што дополнително нé фрли во очај, оти немаше кој да ни го реши проблемот. А и Волерс имаше дилеми дали ова што ни се случува е политичка криза. Каков стрес. Европа немоќна, а Америка незаинтересирана за Македонија. Сето тоа се искомбинира со веста дека и на Субрата Рој му ги замрзнале сметките во Индија. Уште тоа ли мораше да ни се случи? Одеа драматични кајрони на вестите по телевизиите. “Европска тројка во последен обид за спас на Македонија”. Аууу, колку страшно звучи спасот. Од Брисел долетаа комесарот за проширување Филе и европарламентарците Ховит и Бузек. Да ни испеат песна. Европска. Евросонг на Водно. А \оле држи терца. Со мисла да нé спасат. Од кого? Од самите себе. Ама тоа не е крај на тажната судбина на Македонецот. Филе си замина. Ама ние останавме тука. Море требаше да нé остават, како што се закануваа, сами да си ја решиме кризата. Самите да се увериме за кого сме гласале, за кого ќе гласавме и кого ќе бојкотиравме. Па можеби, по тоа, и ќе ни текнеш е да пораснеме. Некогаш. А можеби, и порано. Да не мисли Филе дека вчера ја решил Македонија? Ич нека не се радува. Многу работа ни дадоа. Сега треба прво локалните избори да се направат. Па да се признаат резултатите. Па потоа ќе треба да се договараат дали ќе има предвремени парламентарни избори и кога ќе има. Во меѓувреме, треба да се договорат што се случило на 24 декември. И со новинарите треба да се договорат да продолжат преговорите… Ехеее, за сите ли овие работи ќе летаат до Скопје? Ќе треба на Филе и на Ховит тука канцеларија да им отвориме. Туку каде беа Филе, Ховит и Бузек пред да заврне? Можеби ќе ни ги исчистеа и каналите и речните корита.
22 ЈУНИ
Одиме на море
За првпат по седум години можеме на раат да си одиме на одмор во Грција, без да го чекаме Самитот на ЕУ на крајот од јуни. Оти на тие самити секогаш ги чекаме извештаите за Македонија и дали ќе добиеме датум за преговори. Е па, за среќа, оваа година на Самитот, кој ќе се одржи на 27 и 28 јуни, за Македонија нема да има ниту заклучок ниту датум за преговори. Конечно можеме да здивнеме од чекање датум, оти во делот за проширувањето на Унијата, евентуално, ќе се носат заклучоци само за Србија и за Косово. Сега веќе полесно може да се дише. Ниту Владата мора да брка некакви стандарди од кои, божем, зависел датумот ниту, пак, ние ќе се надеваме дека од тој датум ќе ни биде подобро. Животот ни се сведе на чекање датуми и читање извеш таи. Те чекај го крајот на јуни, па чекај го крајот на декември. Ако нема датум во декември, ќе го чекаме јуни. Купаќи, елка, купаќи, елка, помина животот. Е па нема да го чекаме декември. Нашиот датум дојде. 21 јуни прв ден на летото. Само вчера и завчера над 20.000 Македонци ја поминаа границата со Грција. А зошто да не заминат? Мирно море, жешко време… Преземаме конструктивна акција за добрососедски односи.
30 МАРТ
Никола Младенов
Кој се појавил на комеморација, кој дошол на погреб, кој испратил телеграма, кој платил некролог во весник… Целата атмосфера која се создаде околу смртта на новинарот Никола Младенов, по којзнае кој пат ме поттикна одново да размислам за односот на политичарите кон медиумите. Никола беше најдрастичен пример кој го докажува тој сосема природен, ама расипан однос. Кога политичарите се во опозиција, те бараат како да си им најголем пријател. Кога се на власт, им стануваш најголем непријател. Никола најмногу го изеде стапот од Бранко и од СДСМ, а денешната власт го обвинуваш е дека работи за Бранко. Заборавија дека некогаш беше и нивни пријател. И дека кога жестоко го критикуваше Бранко, додека беше на власт, беше прв другар со ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш СДСМ го сметаше “Фокус” за ВМРО-вски весник. Во црно-белиот свет на македонското општество не важи правилото дека новинарството во една демократска држава е природен и неопходен контролор на власта. Зошто на секоја власт и треба слободно и критично новинарство? Прво, затоа што ако нема такво новинарство власта ќе зајде. И второ, затоа што кога власта ќе се врати во опозиција, ќе ѝ требаат медиуми кои ќе можат да ја пренесат и нејзината вистина. Затоа паметна власт не ги задушува критички настроените медиуми. Паметна власт знае дека ѝ требаат. Денеска за да види каде греши. А утре за да ѝ помогнат пак да се врати на власт. Ама за да има такви медиуми, треба да се форсира и различно мислење. А не да се форсира хушкање против секој што мисли различно. Оти кога хушкањето и интригите стануваат начин за пресметка, доаѓаме во ситуација кога секој се сомнева во сé. Искрено, не верувам дека власта сака да живее во таков амбиент, во кој на веста дека во сообраќајка загинал истакнат новинар, првиот инстинкт на јавноста, без да чека истрага или детали, е да се сомнева дека тоа е несреќен случај.
2 АВГУСТ
Закон за медиуми немаат – слобода имаат
Не учествувам во расправата за законот за медиуми, оти уште на почетокот реков дека таков закон не ни треба. Ама ја следам расправата, и сé повеќе се уверувам дека таков закон не ни треба. Слушам како сите зборуваат за слобода на информирањето. Дека не требало да има мешање во уредувачките политики. Дека новинарите треба да се слободни од политички и комерцијални притисоци. Дека треба да се заштитени од притисок. Значи, полна уста слобода. И полна уста стремеж за слобода. Демек, законов ќе ни донесе слобода. А најголем дел европски земји немаат такви закони. А во Америка важи само Уставот. Закони немаат ама слобода имаат. И не зборуваат толку многу за слободата. Како можеш да зборуваш за воздухот кој го дишеш? За воздухот се зборува само кога е загаден.
29 ЈУНИ
За Халкидики или против Халкидики
Неединството во Македонија веќе ги надмина рамките на политичка борба меѓу партии. Тоа неединство стана начин на живеење меѓу луѓето. Веќе не сме поделени само на наши и ваши. Ни на предавници и на патриоти. Ниту на многудетни и бездетни. Или на лустрирани и нелустрирани. Лустрирани живи, лустрирани мртви. За геј или антигеј. За ЕУ или против ЕУ. За споменици или против споменици. За Халкидики или против Халкидики. За црква или против црква. За буџет или против буџет. За абортус или против абортус. За барок или за модерна. За поскапа струја или за поевтина струја. За парно или против парно… А порано си бевме само Македонци и Албанци.
13 ЈУЛИ
Хрватска
Хрватска од понеделникот е членка на Европската унија. Е многу ми е криво. Ама не за Хрватска. За нас ми е криво. Македонија го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ на 9 април 2001 година. Хрватска го потпиша истиот договор шест месеци подоцна, на 29 октомври 2001 година. Црна Гора тогаш не беше ни независна држава. Таа го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ на 15 октомври 2007 година. Шест и пол години подоцна од нас. На 29 јуни 2012 година ги почнаа и преговорите за членство. Србија потпиша Договор за стабилизација и асоцијација на 29 април 2008 година. Седум години по нас. Од почетокот на идната година можеби ќе почнат и преговори. За волја на вистината, ниту една од овие држави ја немаше Грција за противник. Ама сите си имаа некои свои Грци како проблем. Ниту една од нив немаше толку бизарен спор како што имаме ние. Од никоја земја не се побара промена на името. Да. Грција е лоша. Да. Европа е курва. Да. Дури ни Америка не може да ја скроти Грција. И да, ужасно е тоа што се бара од нас да го промениме името на државата. Ама во оние земји кои подоцна тргнаа кон ЕУ, а одат побрзо од нас, политичките елити се занимаваа со интересите на својата земја. А кај нас, веќе 22 години, никој, ама баш никој не дефинираше што е наш државен интерес во овој спор. Не само ВМРО. Не само СДСМ. Не само ДУИ или ДПА. И не само кога биле на власт туку и кога биле во опозиција. Грците наметнаа спор за името. Ама не наметнаа поделба на патриоти и предавници. Нашите политички елити го злоупотребија и овој спор за евтини политички поени. Е затоа ми е криво. Не затоа што Хрватска пред нас влезе во ЕУ. Туку затоа што ние сега дури и на суд се докажуваме кој е поголем патриот за името. И криво ми е дека нашите политич ари 22 години испуштаат шанса да го стават државниот интерес над сé. На крајот на краиштата, во тие држави се разговараше за нивниот проблем. А кај нас секој обид да се отвори дебата води кон уште поголема подвоеност. Изборот е меѓу страв и омраза. Не дискутираме за проблемот туку се навредуваме еден со друг. И не дискутираме за решението туку го мериме степенот на загриженост и внатрешен немир. Ако се плашиш да зборуваш за проблемот, тогаш ќе се плашиш да зборуваш и за решението. И ич немаш право да се лутиш што ќе ти дојде Американецот и ќе го реши твојот проблем според негов интерес. Оти кога ќе те праша што сакаш, ти не знаеш да му кажеш што сакаш. Или сите му кажуваат различно. Е за тоа ми е криво. Е тоа мене ми внесува чувство на загриженост и внатрешен немир.
12 ОКТОМВРИ
Лотарија за третите
И што ќе прават утре? Ќе влечат на лотарија кој може да се оперира од рак? Па потоа ќе се организираат прес-конференции на кои СДСМ и ВМРО ќе се фалат чиј лекар, покрај пациентите од својот табор, оперирал повеќе пациенти и од непријателскиот табор? А ние, третите, имаме право на живот во оваа држава? Дали смееме да не ги обожаваме ни едните ни другите. Или баш мораме да се определиме, ако не сакаме да се иселиме. Па со навршени 18 години да си се пријавуваме во централен регистар кој за кого е. Кој не сака да се изјасни за кого е, нека си плати казна како што е редот. А покрај казната, и однапред да си знае кои се последиците од неизјаснувањето. Дека нема да добива на тендери, дека ако случајно добие, нема да му биде платено, оти може нема да биде извлечен на лотарија, ако немаат сознанија за неговите тајни симпатии, дека не треба да се занесува да бара правда на суд. И по своја волја таму ич да не оди. Ако нешто згреши, да не очекува дека некој ќе го брани. Се извинувам оти минатата недела се мајтапев со идејата на Субрата Рој дека треба да има граѓани од прв ред и граѓани од втор ред. Тој, всушност, ја согледал реалноста. Во зависност од тоа како се менува власта, и граѓаните ги менуваат редовите. Некои, за да останат во прв ред, само прават апгрејд. Ќе сменат партија. А тие што се дрзнале да не бидат ни со едните ни со другите, ќе си бидат граѓани од трет ред. Тие нема ни да влезат во барабанот. За нив компјутерот сигурно нема да згреши.
20 АПРИЛ
Пилето ми пее
Ќе се даваат субвенции за пишување песни кои ќе поттикнуваат развој на семејните вредности и многудетно семејство. А како се прават деца, тоа песната не мора да го открие. Во секој случај, кој пее, зло не мисли. А новите субвенции ќе поттикнат ептен добра мисла. Нашите комшии од бившата југословенска република Србија имаат една мудра изрека. Свирам курцу за ситне паре. А кај нас, богами, и не се така ситни парите. По три илјади евра од песна, повеќе ќе ти се исплати да напишеш четири песни за стимулирање на раѓање деца отколку да си направиш трето дете. Во секој случај, треба да те бидува. И за едното и за другото. Три дена си потпевнувам стари песни и дури сега почнав да им го сфаќам вистинското значење. Знаете дека народното творештво изобилува со песни за семејни вредности и правење деца? Само што државата тогаш не давала субвенции. Можеби поради тоа и опстанала нацијата. “Пилето ми пее, рано на сабајле”. Оттаму сé почнува. “Па ми ја буди младата невеста”. Логич но. Кој да ја буди? Комшијата? Или: “Ајде дали знаеш, паметиш, Милице, кога се љубевме во чичовото градинче, трендафил цвеќе цутеше, ти на скутот ми седеше, лице ти беше спотнато, ти на гради ми паѓаше”. Милица ептен се покажала, зрела е за субвенции. За разлика од Милица, Митра може да земе субвенции по две -три основи, дури и од невладиниот сектор: “Петлите пеат, зора се зори, пуштај ме, бела Митро, да с сјодам, тие се петли, петли лажовни, приседи, калеш Димчо, до мене, прикрши рамна снага Митрина”. Димчо, глупчо, останал цела ноќ, а Митра уште си барала. Кај брзал? Кај мајка му ли? Значи, Митра, покрај владини субвенции, може да конкурира и за поттикнување конкурентност, а притоа покажала и висока свест и вештина за менаџирање кризи. Преклопување на владините субвенции може да се случи и кај пензионерите. “Го пратиле дедо на бања, жените да го изедат, де, де, лош дедо бре, ете го дедо кај иде, полна му торба со женчиња”. Калина, на пример, може, покрај во Министерство за култура, да конкурира и кај “Сорос” за проект за еднаквост меѓу половите. Оти ја пратиле на вода, ама “ти на вода одиш, бело лице миеш, по ергени гледаш, мори Калино”. Ај по вода, туку ни на нива не можеле да ја пратат ни на лозје, оти цело време гледала по ергени. Работа не можела да потера. Само таму ѝ бил умот. Затоа, пак, Јана, кога либето ја прашало која вечер да ѝ дојде, му одговорила: “Когај сакаш, тогај дојди, со мнозина не доваѓај. Одајчето ми е мало, оно збира само двајца”. Јано, мори, што ти се плетка во главата? Настрана искуството, Јана на крај излегла прагматич на. Решила да не губи време. Оди на тетатет. Зрела е за амбасадорка. Пример за рационално користење на времето и расположивите ресурси е песната “Сите спијат, а ние сме сами, користи, драги, ти мене”. Можеби стиховите не поттикнуваат семејни вредности оти се швалерски, ама, во секој случај, поттикнуваат остварување. За разлика од овие песни, има примери од народното творештво кои никако не би можеле да се квалификуваат за субвенции. На пример, Маре, што се бели и што се црви. “Во кого си, Маре, погледнала, секому си болест дала”. Или за оној тинкач што саноќ седел и саноќ мислел на Трена. А по пат сите моми ги смислувал. Му пукал пиштолот во празно. А онаа “Сношти сакав да ти дојдам”, а женската му вика: “Што не дојде?” И тој, како секој јак македонски фраер, има подготвено оправдување. “Ситна роса зароси, тивко ветре подувна, не можев да дојдам”. Овој, изгледа, му е другар на Димчо. Само што бил попаметен, па слушал временска прогноза. И не ни дочекал петли кај Митра. Сигурно мајка му му рекла: “Кај ќе одиш бе, ќе настинеш”, и тој си останал дома. Има една цела низа песни во кои се гледа силната нераскинлива врска на синовите со македонските мајки. Ќе треба да се формира специјална комисија која ќе одлучи до кој степен синот треба да бара дозвола од мајката за да оствари многудетно семејство. Кога ќе проработи самосвеста кај ергенот, тој веднаш запејува: “Ожени ме, мамо, женет да одам, пуста беќарштина не се трга”. А уште попатетична е “по друм одам, по друм шетам, кога ќе ме жениш, мајче, да ми кажиш”. А најгубитничка е за оној охриѓанецот што од умот се подизгубил за едно лично девојче. “Иди, мајко, проговори, скришем, скришем да ѝ речиш, син ми, ќерко, те милувал, па се срамел да ти речит”. За разлика од него, кој во доцна фаза на вљубеноста побарал помош од мама, еден друг навреме си кажал: “Учи ме, мајко, карај ме, како да ја земам Лилјана”. Мајки што одгледале вакви синови, не треба да се плашат за неуспешни конкурси. Не бил само народниот творец зрел за субвенции. Многу нови песни од македонски автори се инспирирале од традиционалните вредности. На пример, најтрадиционална е “дојди ми, Лено, на перниче бело, да ме грее твојто тело”. Има и забавни песни кои мамат со алегорија. Авторот си дозволил лирска слобода, па вели: “Ти моето цвеќе не го примаш веќе”. Овде ќе се дава субвенција за да не пресуши цвеќето. Да се одржува во форма. И убедливо, со највисоки шанси за многудетно семејство е “Остани во мене, душо, векови да минат покрај нас”. Ова е сугестија за синовите од претходните песни да бидат малку порешителни. И, конечно, да покажат дела.