АЛМОДОВАР ЈА ОТВОРИ ВЕНЕЦИСКА МОСТРА СО ОДА КОН ЖРТВИТЕ НА ФРАНКО

    АЛМОДОВАР ЈА ОТВОРИ ВЕНЕЦИСКА МОСТРА СО ОДА КОН ЖРТВИТЕ НА ФРАНКОАктерот Израел Елејалде, Пенелопе Круз, Педро Алмодвар и Милена Смит на премиерата на „Паралелни мајки“. (Фото: АП)

    Стотици илјади лица кои исчезнаа во Граѓанската војна во Шпанија и диктатурата на Франко се во фокусот на новиот филм на шпанскиот режисер Педро Алмодовар „Паралелни мајки“, кој синоќа го отвори 76. Венециски филмски фестивал со 9-минутни овации. Филмот, чија главна ѕвезда е Пенелопе Круз, следи две жени кои случајно се запознаваат во болничка соба во очекување да се породат. Двете се самици и случајно забремениле: средовечната Јанис не жали за тоа, додека адолесцентката Ана е исплашена и трауматизирана.

    Филмот се оценува како рефлексија на мајчинството и значењето на семејните врски. Но, исто така, се задржува на болното поглавје од историјата на Шпанија со кое земјата сѐ уште се бори да се помири.

    Речиси 50 години по смртта на генералот Франциско Франко, над 100 илјади погубени жртви за време на војната од 1936-39 остануваат закопани во масовни гробници, неодбележани, низ цела Шпанија. Најголем дел од нив беа републиканци или симпатизери на левицата убиени од фашистичките сили, а нивните роднини кои бараа достоинствено закопување, добија мала помош од шпанската Влада за да ги лоцираат и есхумираат нивните посмртни останки.

    „Сакав оваа тема да ја направам видлива, и верувам дека во Шпанија, после 85 години, сѐ додека не го платиме овој долг кон ‘оние кои недостасуваат’ , нема да можеме да го затвориме тоа поглавје од нашата неодамнешна историја“, рече Алмодавар на прес-конференцијата.

    Тој кажа дека Шпанија сѐ уште се бори да се соочи со нејзиното проблематично минато, и покрај тоа што Владата изминативе години презема чекори за да ги најде масовните гробници и идентификација на починатите.

    „Не можеме само да ги затвориме очите пред тоа што се случило“, рече 71-годишниот оскаровец.

    Во филмот, Круз ја игра Јанис, која бара помош да го есхумира телото на нејзиниот прапрадедо, кој бил убиен од силите на Франко, додека таткото на нејзиното дете бара ДНК тест.

    Меѓу 21. филм кои се натпреваруваат за Златен лав се и „Моќта на кучето“ на Џејн Кемпион, „Бројач на карти“ на Пол Шредер и режисерското деби на Меги Џиленхал, „Изгубената ќерка“. Во ѕвездената конкуренција се и „Спенсер“ на Пабло Лараин со Кристен Стјуарт како принцезата Дијана, „Божја рака“ на Паоло Сорентино и „Мона Лиза и крвавата месечина“ на Ана Лили Амирпур со Кејт Хадсон.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира