ДЕБИТО НА ГЕОРГИ УНКОВСКИ „ДИЏЕЈ АХМЕТ“ ЌЕ ИМА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛОТ САНДЕНС

    ДЕБИТО НА ГЕОРГИ УНКОВСКИ „ДИЏЕЈ АХМЕТ“ ЌЕ ИМА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛОТ САНДЕНС„Диџеј Ахмет“ е драма со примеси на комедија за еден млад Јурук од јуручките села во Македонија кој сонува да стане диџеј. (Фото: „Филмс бутик“)

    „Диџеј Ахмет“, дебитантскиот филм на режисерот Георги Унковски, ќе има светска премиера на фестивалот Санденс кој ќе се одржи од 23 јануари до 5 февруари во Парк Сити, Јута. „Диџеј Ахмет“ е селектиран во конкуренцијата за награди на програмата Светски филм.  Унковски после 5 години се враќа на Санденс, најголемиот американски фестивал на независен филм, основан од легендарниот актер и режисер Роберт Редфорд. Неговиот успешен краток филм „Налепница“ во 2020 исто така имаше премиера на Санденс.

    „Диџеј Ахмет“, на турски и македонски јазик, е драма со примеси на комедија  за Ахмет, 15-годишно момче од забито јуручко село во Истпчна Маккедонија, кое наоѓа прибежиште во музиката и сонува да стане диџеј додека се справува со очекувањата на татко му, конзервативната заедница и неговото прво искуство со љубовта – девојка која веќе му е ветена на некој друг. Се снимаше лани во октомври и ноември во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш и во Скопје.

    „Љубовта на прв поглед е она што му се случува на Ахмет кога Аја се појавува во неговиот живот. Токму тоа ни се случи кога за првпат го откривме Ахмет, неговиот брат Наим и колоритната екипа на филмот на Георги. И неверојатно трогателен и смешен, на чело со првокласната камера на Наум Доксевски (‘Домаќинство за почетници’), овој скапоцен камен од филм ќе и даде на публиката уникатна можност да го открие богатиот културен и визуелен пејзаж на Македонија“, изјави дистрибутериот „Филмс бутик“ кој ги има правата за меѓународна продажба на филмот.

    Сценографи се Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф Роза Трајчевска, шминка и маска Душица Вуксановиќ-Дуда, снимател на тон Павел Јан, монтажер Михал Раих. Во главните улоги се Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед. Во останатите улоги се Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага, Метин Ибрахим и други. Кастинг директор е Киријана А. Николоска.

    Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.

    Филмот беше поддржан со 23.5 милиони денари (околу 380.000 евра) на конкурсот на Агенцијата за филм за 2020 година во втор рок на одлучување, а доби поддршка од 160 илјади евра на паневропскиот филмски фонд Еуримаж.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира