„Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски ја освои главната награда Аурора на Меѓународниот филмски фестивал во норвешкиот град Тромсо, што се одржуваше од 15 до 21 јануари. На Столевски притоа му беше доделена награда од 5.000 евра.
„Домаќинство за почетници“ е третиот филм, а прв македонски на македонско-австралискиот автор Горан Столевски. На 6 септември имаше светска премиера на 80. Филмски фестивал во Венеција во програмата Хоризонти, при што доби одлични рецензии и ја освои една од паралелните награди Квир лав. Беше и македонскиот кандидат за Оскар, но не влезе во потесната листа за номинација.
Главните улоги ги играат Анамариа Маринка и Алина Сербан од Романија, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија и Владимир Тинтор од Хрватска. Во споредни улоги се македонските актерки Сара Климоска и Ајше Усеини и Розафа Челај од Косово.
На 26 јануари филмот ќе има кинопремиера во САД.