Холандскиот визуелен уметник Јонас Стаал и рускиот колектив од уметници, критичари, филозофи и писатели „Что делат“ (Што да се прави?) подарија уметнички дела на Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје, така што, уметничката колекција на музејот е збогатена со уште неколку значајни дела, соопшти МСУ.
Стаал ја подари својата инсталација „Нови сојузи“ (New Unions 2016 – 2019), која е дел од изложбата „Сè што ни е заедничко“ под кураторство на Мира Гаќина и Јованка Попова. Инсталацијата „Нови сојузи“ е уметничка и политичка кампања, чија појдовна точка е тековната политичка, економска, хуманитарна и еколошка криза во Европа со цел да ги здружи претставниците на трансдемократските движења и организации за да предложи сценарија за некои нови идни сојузи. Делата на Стаал се однесуваат на врската помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата.
Рускиот колектив „Что делат“ го подари видеото „Создавање со музејот“ (Becoming With the Museum) за постојаната поставка, која ќе се отвори годинава во МСУ. Подареното видео го документира процесот во кој „Что Делат“ работи со група млади уметници и создаваат перформанс, кој го прикажува односот на учесниците со избраните уметнички дела од колекцијата на МСУ. Ова видео беше продуцирано од „Контрапункт“ и развиено преку перформанс во рамки на „Крик фестивалот“, кој во 2017 се одржа во МСУ.
Проектите на Стаал се наjшироко изложувани во музеите Стеделијк во Амстердам, М_ХКА во Антверпен, Модерна во Стокхолм и Уметничкиот центар Нам Џун Пајк во Сеул, како и на 7. Берлинско биенале, 31. биенале во Сао Пауло и 12. биенале во Тајпеј.
„Что делат“ меѓу другите има соработувано на Документа 12 во Касел во 2007 и изложувано во галеријата Третјаков, Москва, на Биеналето во на Саон Пауло, Институт за современа уметност во Лондон и други.